Индиецот Нарендра Моди денес пристигна во Киев за да разговара со претседателот Володимир Зеленски, што е прво патување на индиски премиер во Украина откако Киев се стекна со независност од Советскиот Сојуз во 1991 година.
Посетата доаѓа во нестабилниот момент во војната во Украина, кога украинските сили се` уште се во западниот руски регион Курск по нивниот упад на 6 август.
Посетата, која следи по патувањето на Моди во Москва во јули, е важна за Киев, поддржан од Западот, кој се обидува да ги негува дипломатските односи на глобалниот југ во своите напори да обезбеди правично решение за ставање крај на војната.
„Стигнав во Киев рано утринава. Индиската заедница приреди многу топло добредојде“, напиша Моди на Икс.
Во пресрет на патувањето, тој рече дека со нетрпение очекува да ги сподели „перспективите за мирно решавање на тековниот украински конфликт“.
Посетата на Моди на Москва минатиот месец се совпадна со тешкиот руски ракетен напад врз Украина кој погоди детска болница.
Нападот го поттикна Моди да употреби емотивен јазик за да упати имплицитен прекор до Путин на нивниот самит.
Но, патувањето предизвика жестоки критики од Зеленски, кој рече дека е „огромно разочарување и катастрофален удар за мировните напори да се види како лидерот на најголемата демократија во светот го прегрнува најкрвавиот криминалец во светот во Москва на таков ден“.
Михаило Подољак, советник во кабинетот на украинскиот претседател, изјави за Ројтерс дека посетата на Моди на Киев е значајна бидејќи Њу Делхи „навистина има одредено влијание“ врз Москва.
„За нас е исклучително важно ефикасно да градиме односи со таквите земји, да им објасниме кој е правилниот крај на војната - и дека тоа е исто така во нивни интереси“, рече тој.
Индија, која традиционално има блиски економски и одбранбени врски со Москва, јавно ја критикуваше смртта на невините луѓе во војната.
Но, исто така, ги зајакна своите економски врски со Москва откако западните земји воведоа санкции кон Русија и ги прекинаа трговските односи со неа поради инвазијата.
„Трајниот мир може да се постигне само преку опции кои се прифатливи за двете страни. И тоа може да биде само договор за решение“, изјави за новинарите Танмаја Лал, секретар во индиското Министерство за надворешни работи.
„Ова е важна посета која се очекува да биде катализатор на нашите врски во низа сектори“, рече Лал, наведувајќи ги економските и деловните врски, земјоделството, инфраструктурата, здравството и образованието, фармацевтските производи, одбраната и културата.
Володимир Фесенко, политички аналитичар од Киев, рече дека очекува дека нема да бидат дадени пробивни предлози за завршување на војната за време на патувањето на Моди, кој ја посети Полска вчера.
За да има обид за преговори, воената ситуација треба да се стабилизира и претседателските избори мора да се одржат во САД, близок сојузник на Украина, рече тој.
Тој рече дека посетата е важна за Индија да покаже дека „не е на страната на Русија“ и дека Киев сака да ги нормализира односите по патувањето на Моди во Москва.