Линкови за пристапност

Има намалување на поддршката, но претседателот останува во трката, вели кампањата на Бајден


Претседавачот со кампањата на Бајден, Џен О’Мали Дилион, го призна намалувањето во поддршката за претседателот, но инсистираше на тоа дека тој „апсолутно“ останува во трката и дека кампањата гледа „повеќе патишта“ за да го победи Трамп
Претседавачот со кампањата на Бајден, Џен О’Мали Дилион, го призна намалувањето во поддршката за претседателот, но инсистираше на тоа дека тој „апсолутно“ останува во трката и дека кампањата гледа „повеќе патишта“ за да го победи Трамп

Кампањата на претседателот Џо Бајден одново инсистира дека тој не се повлекува, додека многу демократи на највисоко ниво сакаат тој да се повлече од изборите во 2024 година за да направи место за нов кандидат, и да се обиде да спречи партиски изборни загуби во ноември.

Додека тој е изолиран поради ковид-19 во неговата куќа на плажа во Делавер, и онака тесниот круг на поддржувачи на Бајден пред неговата дебата уште повеќе се намали.

Претседателот, кој инсистираше на тоа дека може да го победи републиканецот Доналд Трамп, е со семејството и се потпира на неколку долгогодишни соработници додека размислува дали да се повлече поради зголемениот притисок.

Претседавачот со кампањата на Бајден, Џен О’Мали Дилион, го призна намалувањето во поддршката за претседателот, но инсистираше на тоа дека тој „апсолутно“ останува во трката и дека кампањата гледа „повеќе патишта“ за да го победи Трамп.

„Имаме многу работа да направиме за да го увериме американскиот народ дека да, тој е стар, но може да победи“, рече таа за Ем-Ес-Ен-Би-Си.

Но, таа рече дека гласачите загрижени за способноста на Бајден не се префрлаат да гласаат за Трамп.

„Тие имаат прашања, но остануваат со Џо Бајден“, додаде таа.

Во исто време, огранокот за донесување правила на Демократскиот национален комитет очекува да се состане денес, пред партиската конвенција во август во Чикаго.

„Претседателот Бајден заслужува почит за да има важни семејни разговори со членовите на законодавната група и колегите во Претставничкиот дом и Сенатот и демократското раководство, и да не се бори со протекување информации и изјави за медиумите“, изјави за Асошиетед прес сенаторот Крис Кунс од Делавер, најблискиот пријател на Бајден во Конгресот и неговиот копретседавач на кампањата.

Ова се клучни неколку дена за претседателот и неговата партија. Трамп ја заврши националната конвенција на Републиканците во Милвоки, а демократите, во трка со времето, ја разгледуваат можноста Бајден да се повлече за нов претседателски кандидат пред нивната сопствена конвенција.

XS
SM
MD
LG