Линкови за пристапност

280 хуманитарни работници убиени во светот во 2023 година, предупредија ОН


Палестинците го прегледуваат возилото со логото на Светската централна кујна, уништено од израелски воздушен напад во појасот Газа, 2 април 2024 година
Палестинците го прегледуваат возилото со логото на Светската централна кујна, уништено од израелски воздушен напад во појасот Газа, 2 април 2024 година

Обединетите нации (ОН) денес го осудија „неприфатливото“ ниво на насилство кое стана вообичаено против хуманитарните работници, од кои рекордни 280 беа убиени ширум светот во 2023 година.

Предупреди и дека војната Израел-Хамас во Газа потенцијално поттикнува уште поголем број на такви смртни случаи оваа година.

„Нормализацијата на насилството врз хуманитарните работници и недостатокот на одговорност се неприфатливи, несовесни и енормно штетни за хуманитарните операции насекаде“, рече Џојс Мсуја, вршител на должноста директор на Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарни прашања, во изјава за Светскиот ден на хуманитарната помош.

„Со 280 убиени хуманитарни работници во 33 земји минатата година, 2023 година беше најсмртоносна година за глобалната хуманитарна заедница“, што претставува зголемување од 137 отсто во однос на 2022 година, кога загинаа 118 хуманитарни работници, се вели во соопштението.

Во него се цитираат податоци за безбедност на работниците за помош, која ги следат таквите бројки уште од 1997 година.

ОН соопштија дека повеќе од половина од смртните случаи во 2023 година, или 163, биле хуманитарни работници убиени во Газа за време на првите три месеци од војната меѓу Израел и Хамас, главно во воздушни напади.

Јужен Судан, зафатен од граѓански судири, и Судан, каде што војната меѓу двајца ривалски генерали беснее од април 2023 година, се следните најсмртоносни конфликти за хуманитарците, со 34, односно 25 смртни случаи.

Исто така во првите 10 се Израел и Сирија, со по седум загинати; Етиопија и Украина, со по шест смртни случаи; Сомалија со пет жртви; и четири смртни случаи и во Мјанмар и во Демократска Република Конго.

Во сите конфликти, повеќето од смртните случаи се меѓу локалниот персонал.

И покрај високиот број на жртви на хуманитарни работници во 2023 година, ОН велат дека 2024 година „можеби е на пат за уште посмртоносен исход“.

Од 9 август, 176 хуманитарни работници се убиени ширум светот, според Базата на податоци за безбедност на хуманитарните работници.

Од октомври, кога милитантите предводени од Хамас започнаа смртоносен напад во Израел, предизвикувајќи ја војната, повеќе од 280 хуманитарни работници се убиени во Газа, повеќето од нив вработени во агенцијата на ОН за палестински бегалци.

Наспроти ова, лидерите на повеќе хуманитарни организации денес треба да испратат писмо до земјите-членки на ОН во кое ја повикуваат меѓународната заедница „да ги прекине нападите врз цивилите, да ги заштити сите хуманитарни работници и да ги повика сторителите на одговорност“.

Секоја година Обединетите нации го одбележуваат Светскиот ден на хуманитарната помош на 19 август, годишнината од нападот врз нивното седиште во Багдад во 2003 година.

Во бомбашкиот напад загинаа 22 лица, меѓу кои и Серџо Виеира де Мело, специјалниот претставник на ОН во Ирак, а беа повредени околу 150 локални и странски хуманитарни работници.

XS
SM
MD
LG