Линкови за пристапност

Хамас ослободи уште двајца израелски заложници


Меѓународниот комитет на Црвениот крст соопшти дека ги транспортирал израелските жени на возраст од 85 и 79 години надвор од Газа во понеделник вечерта
Меѓународниот комитет на Црвениот крст соопшти дека ги транспортирал израелските жени на возраст од 85 и 79 години надвор од Газа во понеделник вечерта

Хамас денес ослободи уште заложници, две Израелки, додека Израел ги засилува своите воздушни напади во Газа, а САД изразија зголемена загриженост за војната меѓу Израел и Хамас да не ескалира во поширок конфликт на Блискиот Исток.

Во соопштението, Хамас вели дека ги ослободил заложниците од хуманитарни причини.

Меѓународниот комитет на Црвениот крст соопшти дека ги транспортирал израелските жени на возраст од 85 и 79 години надвор од Газа во понеделник вечерта.

Милитантната група ги ослободи своите први двајца заложници, мајка и ќерка од Америка во петокот, речиси две недели откако го изврши својот напад врз Израел, при што загинаа повеќе од 1.400 луѓе, главно цивили, а беа заробени повеќе од 200 други.

Американските власти велат дека Вашингтон го советува Израел да ја одложи планираната копнена инвазија на Газа за да остави повеќе време за преговори за ослободување на заложниците кои ги држи Хамас.

И покрај ставот на САД, израелската војска изврши повеќе од 300 воздушни напади денес врз Газа.

Копнената инвазија веројатно дополнително би ги комплицирала сите преговори за заложниците, при што се верува дека барем некои од нив се чуваат во сложена мрежа од тунели што милитантите ги изградиле во Газа со текот на годините, дури и кога Израел ја блокирал територијата долж Средоземното Море.

Шефот на израелската одбрана Јоав Галант минатата недела им вети на повеќе од 300.000 војници позиционирани долж границата со Газа дека наскоро ќе напредуваат на територијата, но го остави отворено прашањето за времето на инвазијата.

Американските власти изразуваат зголемена загриженост дека војната меѓу Израел и Хамас може да предизвика поширок конфликт на Блискиот Исток.

Портпаролот на Советот за национална безбедност Џон Кирби изјави за новинарите денес дека има зголемен број на ракетни и беспилотни напади поддржани од Иран врз американските војници во Ирак и Сирија.

Тој рече дека САД се „длабоко загрижени за можноста за каква било значајна ескалација“ на нападите во наредните денови.

Неговите коментари следат по оние на американскиот државен секретар Ентони Блинкен и секретарот за одбрана Лојд Остин кои за време на неделните телевизиски интервјуа рекоа дека САД се загрижени за ескалација во регионот.

Министерството за внатрешни работи на Газа, управувано од Хамас, соопшти дека најмалку 18 лица биле убиени во израелските напади врз населбите во градот Рафах во понеделникот, а голем број биле повредени.

Палестинското министерство за здравство соопшти дека вкупниот број на загинати во Газа од повеќе од двенеделниот конфликт достигнал најмалку 5.087 лица, а уште 15.273 лица биле повредени.

Израелската војска денес објави видеоснимки на кои се гледа како воздушни напади уништуваат згради во Газа.

Војската соопшти дека видеата покажуваат напади врз инфраструктурата на Хамас, но не ги прецизира локациите.

Обединетите нации соопштија дека околу 1,4 милиони луѓе ги напуштиле своите домови во Газа и оти во регионот има критичен недостиг на вода, храна, гориво и лекови.

ЕУ, исто така, рече дека напорите за деескалација мора да вклучуваат запирање на ракетните напади на Хамас од Газа и ослободување на заложниците што милитантната група ги држи.

Израелските власти ветија дека ќе ја продолжат кампањата во Газа додека Хамас нема повеќе способност за напад.

Дописничката на Обединетите нации Маргарет Бешир придонесе за овој текст. Дел од информациите се од Асошиетед прес, агенцијата Франс-прес и Ројтерс

XS
SM
MD
LG