Линкови за пристапност

Г7 ја повикува Русија да прифати прекин на огнот или ќе се соочи со дополнителни санкции


Државниот секретар на САД Марко Рубио на седницата на Г7 во Канада, 13 март 2025 година. (Фото: Стејт департмент)
Државниот секретар на САД Марко Рубио на седницата на Г7 во Канада, 13 март 2025 година. (Фото: Стејт департмент)

Врвни дипломати од групата седум водечки демократски држави Г7 ја повикаа Русија во петокот да се согласи на примирјето предложено од САД во руско-украинската војна.

„Ја повикавме Русија да возврати со тоа што ќе се согласи на прекин на огнот под еднакви услови и ќе го спроведе целосно“, рекоа дипломатите во заедничката изјава од разговорите во Канада.

„Разговаравме за наметнување дополнителни трошоци за Русија во случај да не биде договорен таков прекин на огнот, вклучително и преку дополнителни санкции, ограничувања на цените на нафтата, како и дополнителна поддршка за Украина и други средства“.

Белата куќа соопшти дека специјалниот пратеник на американскиот претседател Доналд Трамп, Стив Виткоф, разговарал со рускиот претседател Владимир Путин во четвртокот.

„Сите министри за надворешни работи на Г7 се согласуваат со предлогот на САД за прекин на огнот што го поддржуваат Украинците“, а фокусот сега е на одговорот на Русија, изјави во петокот канадската министерка за надворешни работи Мелани Џоли.

Таа додаде: „Топката сега е на теренот на Русија кога е Украина во прашање“.

Британскиот министер за надворешни работи Дејвид Лами го повтори ова мислење, изјавувајќи: „Постои единство дека сега е време за прекин на огнот без услови. Украина јасно ја кажа својата позиција. Сега е на Русија да го прифати тоа“.

Лами, исто така, истакна дека се формира коалиција за да ѝ се обезбеди на Украина потребната „безбедносна архитектура“ и механизми за следење за поддршка на прекинот на огнот.

Заедничката изјава на Г7 доаѓа откако Кремљ соопшти дека останува уште многу да се направи за договорот за прекин на огнот во Украина, што ја сигнализира нејзината неподготвеност целосно да го поддржи предлогот на САД.

Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков, рече дека Путин сè уште чека одговори откако постави неколку прашања за спроведувањето на прекинот на огнот.

Во меѓувреме, украинскиот претседател Володимир Зеленски го отфрли одговорот на Путин како „намерно“ поставување услови што го комплицираат и „одолговлекуваат процесот“.

„Безусловниот 30-дневен привремен прекин на огнот е првиот клучен чекор што може значително да нè доближи до праведен и траен мир“, напиша Зеленски во средата во објава на платформата за социјалните медиуми Икс.

Разговорите на Г7 во Квебек ги собраа министрите од Велика Британија, Канада, Франција, Германија, Италија, Јапонија и САД.

XS
SM
MD
LG