Линкови за пристапност

 
Трамп ги смета разговорите на неговите претставници во Москва за „продуктивни дискусии“

Трамп ги смета разговорите на неговите претставници во Москва за „продуктивни дискусии“


Претседателот Доналд Трамп во Белата куќа
Претседателот Доналд Трамп во Белата куќа

Американскиот претседател Доналд Трамп ги нарече „продуктивни дискусии“ разговорите за постигнување мир во војната меѓу Русија и Украина, што се одржаа претходната вечер во Москва.

„Вчера имавме многу добри и продуктивни дискусии со рускиот претседател Владимир Путин и има многу добри шанси оваа ужасна, крвава војна конечно да заврши“, напиша Доналд Трамп на социјалната мрежа „Трут Соушл“.

Тој додаде дека побарал од претседателот Путин да ги спаси животите на украинската војска, која, според него, е опколена и е „во многу лоша и ранлива состојба“.

Претседателот Трамп не именуваше каде се опколени украинските војници, но претходно беше објавено дека руските сили ја продолжуваат офанзивата во областа Курск во областа на градот Суџа и неговата околина.

Иако, според Институтот за проучување на војната со седиште во Вашингтон, напредувањето на руските трупи до украинската граница во регионот Курск на 13 март забавило во споредба со последните денови.

Претходно денеска во порака на социјалната мрежа Трамп напиша дека во оваа војна „непотребно загинале милиони луѓе“.

„И ќе има уште многу ако не го комплетираме и потпишеме договорот за прекин на огнот и конечниот договор со Русија“, напиша Трамп на социјалната мрежа „Трут Соушл“.

Еден ден претходно, на прес-конференција во Белата куќа, претседателот Трамп рече дека се надева оти Русија ќе донесе правилна одлука на патот кон завршување на војната со Украина.

Рускиот претседател Владимир Путин денес му испрати на Трамп порака за неговиот предлог за прекин на огнот преку специјалниот претставник на Трамп, Стив Виткоф, со кого Путин разговараше во Москва доцна во четвртокот.

Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков, денес изјави за новинарите дека Путин верува дека има причина за „внимателен оптимизам“ во врска со можниот договор и дека Путин ја искористил средбата за да му пренесе „сигнали“ на Трамп.

„Дополнителни информации ѝ беа доставени на руската страна, а исто така, всушност, Путин му пренел информации и дополнителни сигнали на претседателот Трамп преку Виткоф“, рече Песков.

Но, тој додаде дека Кремљ е загрижен оти украинските сили би можеле да го искористат прекинот на огнот за да се прегрупираат.

Одговарајќи на новинарски прашања, Песков рече дека „секако постои причина за внимателен оптимизам“.

„Вчера слушнавте многу важна изјава на претседателот Путин... Тој рече дека ја поддржува позицијата на претседателот Трамп за решението, но изрази некои прашања на кои треба да се одговори заедно“, рече Песков.

Путин рече дека сака Украина да се откаже од плановите за приклучување кон НАТО, да ѝ ги предаде на Русија сите четири региони на Украина за кои Русија тврди, но не ги контролира целосно, и да се намали украинската армија.

Путин очекува и ублажување на западните санкции и одржување претседателски избори во Украина, кои според украинскиот закон се невозможни, се` додека Украина остане во воена состојба.

Украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха реагираше на извештаите од Москва, нарекувајќи ги барањата на Кремљ „трик“ кој треба да ги покрие вистинските намери на руското раководство за продолжување на војната.

„Украина рече да на предлогот на САД за прекин на огнот. Затоа што Украина сака мир. Путин, наместо да каже да, поставува различни услови“, напиша Сибиха денес на мрежата Икс (поранешен Твитер). Украина се обидува да стави крај на војната. Путин се обидува да ја продолжи војната. Останатите негови зборови се само трик“.

Аналитичарите на Институтот за проучување на војната веруваат дека Путин всушност го отфрлил предлогот за прекин на огнот што САД и Украина неодамна го договорија во Џеда и понудил свој алтернативен предлог, што ја поткопува наведената цел на американскиот претседател Доналд Трамп да обезбеди траен мир во Украина.

Извор: Украинска редакција на Глас на Америка

XS
SM
MD
LG