Линкови за пристапност

Фридом хаус: Застој на демократскиот бран на Балканот


Македонија бележи опаѓање во две од вкупно осумте категории – незвисноста на медиумите и демократското владеење на национално ниво.

Демократијата во Централна и Југоисточна Европа е се` поранлива, според најновиот извештај на Фридом хаус „Државите во транзиција 2012“. Македонија, пак, бележи опаѓање во две од вкупно осумте категории според кои организацијата го мери степенот на демократски развој: независноста на медиумите и владеењето на национално ниво.

Македонија доби просечна оценка од 3,89 (на скалата од 1 до 7 во која 1 е најдобра, а 7 е најлоша оценка), што претставува мало назадување во однос на претходниот извештај, кога Македонија беше оценета со 3,82.

Извештајот се однесува на периодот од 1-ви јануари до 31-ви декември минатата година.

Во поглавјето за состојбата со изборниот процес, Македонија е со ист износ како и лани - 3,25. Најлошата оценка е во поглавјето за независноста на медиумите - 4,75, што е пад од 0,25 во споредба со лани. Mакедонија бележи уназадување и во демократското владеење на национално ниво, каде доби оценка од 4,25, за разлика од 4, колку што доби претходната година.

Во генералниот заклучок за Балканот, Фридом хаус констатира дека клучните реформи стагнираат или дури назадуваат во речиси сите држави од регионот во 2011-та. Во извештајот се наведува дека сепак, Хрватска покажала посветеност во реформите на патот кон членство во ЕУ и соработува во истрагите за случаи на корупција во вишите владини кругови. Четирите други држави од регионот назадуваат во подрачјата на изборните процес, независноста на правосудството и медиумите.

Во делот за Македонија, оранизцаијата наведува дека коалиционата влада на премиерот Никола Груевски отворила политички мотивиран случај за затајување данок против водечка компанија од областа на медиумите и ја искористила предноста од неколкумесечниот парламентарен бојкот на опозицијата, кога изгласала контроверзна легислатива што создала повеќе места за дијаспората. Фридом хаус додава дека дијаспората конзистентно гласа за актуелната владина коалиција.
XS
SM
MD
LG