Линкови за пристапност

Македонија падна на 115-то место на листата од 197 држави на Фридом Хаус


Се` уште во категоријата на земји со делумна слобода на печатот, но пред неа сите земји од најблиското опкружување.

Од 197 држави и територии во 2011-та, вклучувајќи ја и најновата земја на светската мапа, Јужен Судан, 66 според најновиот извештај на Фридом Хаус имаат слобода на печатот, 72 се делумно слободни, а во 59 таа е задушена.

Иако, генерално, има напредок во почитувањето на слободата на медиумите ширум светот, најголемото назадување е регистирано во Централна и Источна Европа. Светската организација за состојбата со слободата на печатот утврдила најголемо уназадување во Унгарија по доаѓањето на власт на премиерот Виктор Орбан, но и во Украина и Македонија.

Македонија останува во групата земји со делумно слободен печат, но во светски рамки падна на 115-то од вкупно 197 места. Лани, Македонија беше на 86-та на листата на Фридом Хаус.

Македонија спаѓа во категоријата на земји со делумно слободен печат поради „уназадувањето во правната сигурност, како и политизираните одлуки на регулаторните тела и временски предолгиот притвор за сопственикот на водечкиот проопозиционен медиум во политички мотивираниот случај на даночно затајување. Како последица на тој случај, најгледаната телевизија во земјата и уште три весници беа затворени во 2011-та“, наведуваат од Фридом Хаус.

Пред Македонија се сите земји од најблиското опкружување - Албанија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Бугарија, Косово, Србија и Хрватска.

Со падот на авторитарните режими или делумни реформи во земји како Бурма, Египет, Либија и Тунис, слободата на печатот освои нови, макар и несигурни територии, се вели во годишниот извештај.

Првите три места на листата на Фридом Хаус и натаму ги делат скандинавските земји - Норвешка, Шведска и Финска. На дното од листата, или земји без слобода на печатот - се Северна Кореја, Туркменистан и Узбекистан.

XS
SM
MD
LG