Линкови за пристапност

Филипче: Не отстатпуваме од барањето за собраниска седница за ЕУ-процесот


Прес-конференција на претседателот на СДСМ Венко Филипче, во Скопје, Северна Македонија, 1 октомври, 2024 година.
Прес-конференција на претседателот на СДСМ Венко Филипче, во Скопје, Северна Македонија, 1 октомври, 2024 година.

Опозицијата не отстапува од барањето за Владата да реферира пред Собранието за текот на евроинтеграциите и за тоа дали има и кој е планот за понатаму откако Брисел реши да ги одвои Северна Македонија и Албанија од пристапниот пакет. Социјалдемократите уште еднаш јавно го повикаа премиерот да се појави во парламентот и да одговори пред јавноста за најавите за „нови решенија“ за кои се водат интерни разговори во владата.

„Многу најави има од премиерот за некаква поддршка од некои држави, за менување на преговарачката рамка, нешто што наводно би ја подобрило нашата положба во процесот на евроинтеграции. Меѓутоа сето тоа е обвиено со мистерија и не знаеме никакви детали. Премиерот има обврска тоа да го соопшти, прво пред Собранието, пред народните избраници а понатаму и пред граѓаните. Да знаеме, сега кога еднострано го запре евроинтегративниот пат, нешто за што сметам и ќе повторам, нема никакво право, ниту политичко, ниту етичко, морално, напротив има обврска пред граѓаните да го продолжи тој пат којшто го очекува огромно мнозинство на граѓаните, и потврдено преку огромната поддршка на граѓаните на сите анкети направени досега наназад. Тоа е местото каде што се дискутира“, рече Венко Филипче, претседател на СДСМ.

Новата портапролка на владата, на која денеска и беше првиот работен ден на новата позиција, не беше многу конкретна за барањето на опозицијата за отчет во собранието, ниту пак за најавата за некакво писмо со идеи за решавање на деблокадата кое би се доставило до европските престолнини.

„Кога ќе се подготви едно такво решение, прво јавноста ќе биде информирана. Не станува збор за нешто што ќе се држи во тајност. Посветеноста на Владата во однос на евроинтеграцискиот пат е секогаш отворена пред граѓаните со јасно изразени ставови. Кога ќе се создадат услови, по финализирање на она што значи евроинтегративен пакет и став по однос на истото, ќе ја информираме јавноста, а се разбира и Собранието“, рече портпаролката на Владата Марија Митева.

Токму тоа го бара лидерот на опозицијата – информација до Собранието за меѓу другото, како што вели, да се расчистат „дисонантните тонови“ во владата мислејќи од една страна на настапите на премиерот, а од другата на министерот за европски прашања за тоа како во Унијата се гледа на идејата за уставни измени со одложено дејство.

„Жалам што неговиот министер Муртезани го демантира во неговите најави и изјави дека наводно има некаква поддршка да се донесат уставни измени со одложено дејство. Самиот министер кажа дека воопшто во ЕУ во ниту една држава нема расположение за таква работа. Сметам дека тие конфузни изјави, тие дисонантни тонови во Владата коишто оставаат впечаток дека таму владее една целосно бесперспективност, мора да се расчистат во Собранието“, рече Филипче.

Разногласието за кое зборува опозицијата се однесува на изјавите на премиерот дека кај повеќето земји-членки има интерес за какво и да е решение, наспроти вчерашниот настап на министерот Муртезани.

„Брисел не гледа со голем оптимизам за предлогот за уставни измени со одложено дејство, но не го отфрлува целосно. Во неколку наврати јавно имав кажано дека тој предлог не се гледа со голем оптимизам во Брисел, меѓутоа не се отфрла целосно. Мислам дека ние треба да настојуваме на изнаоѓање решенија кои ќе бидат прифатливи и од нашите стратешки партнери“, рече Министерот за европкси прашање Орхан Муртезани.

Во заклучоците на Советот на ЕУ од јули 2022 меѓу другото пишува дека одржувањето на Втората меѓувладина коференција, што би значело отворање на преговарачките поглавја, ќе биде веднаш штом финишираат уставните измени. Бугарија, како земја-членка инсистира на исполнување на овој услов.

XS
SM
MD
LG