Линкови за пристапност

Сиљановска – Давкова во ОН: Европската реунификација е како недовршена симфонија без нас


Сиљановска – Давкова порача дека новото име е формално-правна реалност и нејзината држава, како одговорна земја членка на Обединетите нации и на НАТО, ги исполнува меѓународните обврски.
Сиљановска – Давкова порача дека новото име е формално-правна реалност и нејзината држава, како одговорна земја членка на Обединетите нации и на НАТО, ги исполнува меѓународните обврски.

Македонската претседателка Гордана Сиљановска – Давкова во обраќањето на 79-тото Генерално собрание на ОН во Њујорк на почетокот се осврна на правото на самоопределување на еден народ, а тоа најчесто ги погодува “малите народи и држави коишто се први жртви на судирот меѓу силата и правдата, оти може да биде непремостлива препрека за остварување на правото на напредок“.

Сиљановска – Давкова порача дека новото име е формално-правна реалност и нејзината држава, како одговорна земја членка на Обединетите нации и на НАТО, ги исполнува меѓународните обврски.

За Северна Македонија членството во ЕУ, по 20 години преговори и дури 16 позитивни извештаи од Европската комисија, наликува на „господинот Годо, оти го чекаме од 2005 година, охрабрувани од меѓународните претставници со рефренот: „уште само овој услов“, „уште само оваа отстапка“, „уште само оваа уставна измена“.
Гордана Сиљановска - Давкова, претседателка на Северна Македонија

„Но, членството во ЕУ, заради кое го прави тоа, не само што не се оствари, туку македонските граѓани сега се пред нов, повторно „последен услов“ за уште една уставна измена, но, не за членство, туку за почеток на преговорите, и тоа по втор пат“, истакна шефицата на македонската држава.

За Северна Македонија членството во ЕУ, по 20 години преговори и дури 16 позитивни извештаи од Европската комисија, наликува на, како што кажа Сиљановска „господинот Годо, оти го чекаме од 2005 година, охрабрувани од меѓународните претставници со рефренот: „уште само овој услов“, „уште само оваа отстапка“, „уште само оваа уставна измена“.

Македонија, според претседателката, стана „sui generis” држава, со 36 уставни измени за 30 години, закотвена во геополитичкиот регион наречен „Западен Балкан“.

Таа порача дека како мирољубива држава, посветена на добрососедството и на регионалната соработка, очекува разбирање и соработка со нашите соседи, без закана со вето.

„Каде што има вето, честопати, нема правда“, рече Сиљановска – Давкова.

Според неа, ветото стана инструмент за билатерализација на евроинтеграцијата, односно нејзина стагнација.

„Во услови на конфликт на европското тло, стагнацијата на евроинтеграцијата не само што ги демотивира македонските граѓани и ги забавува реформите, туку и го дестабилизира регионот на Југоисточна Европа, оставајќи простор за продор на малигни империјални и великодржавни влијанија“, порача претседателката на Северна Македонија.

Го пренесе очекувањето од европски и стратешки партнери за разбирање и праведно деблокирање на процесот на преговорите за членство во Европската Унија, отфрлање на двојните стандарди и почитување на сопствените принципи и вредности, вградени во основните уставни документи.

„Европската реунификација е како недовршена симфонија без нас“, изјави Сиљановска – Давкова.

Македонија, стана „sui generis” држава, со 36 уставни измени за 30 години, закотвена во геополитичкиот регион наречен „Западен Балкан“.
Гордана Сиљановска - Давкова, претседателка на Северна Македонија

Таа истакна дека целосната интеграција на Балканот во ЕУ ќе стави крај на бескрајното прекројување на границите и на балканизацијата како феномен, но, се разбира, потенцираше „балканските држави мора да се однесуваат според европските стандарди, регионално поврзувајќи се и соработувајќи“.

„Линијата којашто го двои легалното од праведното се провлекува не само во македонскиот случај, туку и низ речиси сите прашања што се на агендата на Обединетите нации, вклучително и со оние опфатени во темата на годинашната генерална дебата: „Не оставајќи никого зад себе: дејствувајќи заедно за унапредување на мирот, одржливиот развој и човечкото достоинство за сегашната и за идните генерации“, рече претседателката на Северна Македонија.

Таа истакна дека најважен предизвик со кој се соочува светот е мирот. „Можен ли е праведен мир кога се соочуваме со сè повеќе војни и со флагрантно кршење на Повелбата на Обединетите нации? Можен ли е праведен мир со сè подлабоката милитаризација на политиката и со новата трка во вооружувањето“, реторички прашања шефицата на македонската држава.

Се осврна на човечко достоинство во амбиент на двојни стандарди, кога човековиот живот не е еднакво вреднуван и кога страдањата на невините жртви во конфликтите не се еднакво третирани. „Како да постигнеме праведен развој, втурнати во трката за профит на сметка на народите и планетата, кога глобалните ресурси се жртвувани, маргинализирани, фрлени на периферијата, заборавени во националните и корпоративни политики и акции?“, рече претседателката на Северна Македонија.

Јавно побара да се бара решение за социјална правда во услови на растечка економска, образовна, родова и дигитална нееднаквост меѓу државите и во самите држави, со сè помалобројни победници и сè побројни губитници на глобализацијата и дигитализацијата.

Како мирољубива држава, посветена на добрососедството и на регионалната соработка, очекува разбирање и соработка со нашите соседи, без закана со вето.
Гордана Сиљановска - Давкова, претседателка на Северна Македонија

Во нејзиното обраќање не изостана ниту односот на човештвото кон климатските промени.

„Како ќе обезбедиме генерациска правда ако продолжиме со неодговорната и неконтролирана експлоатација на ограничените ресурси? Како ќе се создаде безбедна и одржлива иднина за нашите потомци, ако се продолжи со екоцидните производствени практики и конзумерски навики што оставаат свет задушен од аерозагадување, затруен со пестициди и затрупан со пластика?“, изјави Силјановска – Давкова.

Со алармантното ниво на емисии на стакленички гасови што забрзано водат до климатски промени со катастрофални последици, Сиљановска – Давкова, запраша „дали воопшто можеме да зборуваме за одржливост или, пак, треба да почнеме да размислуваме за преживување/способност за живеење? (sustainability vs. habitability.)

Според неа, главниот проблем е што сите овие неправди се системски, што значи, дека ако не се легални, тогаш се премолчено толерирани.

Сиљановска – Давкова предупреди дека светот минува низ бурна геополитичка, економска, научна, технолошка и индустриска трансформација во која човекот има огромно влијание врз планетата.

„Ретко кога Обединетите нации ни биле толку потребни како денес. А сепак, ретко кога, Обединетите нации биле толку политички маргинализирани како што се денес“ истакна претседателката на Северна Македонија.

Затоа, во обраќањето од Ист Ривер во ОН, таа апелираше за да се надмине политичката маргинализација, ѝ е потребен нов дух на мултилатерализам што ќе ги ублажи геополитичките ривалства и ќе ја зголеми довербата и соработката меѓу државите околу споделените предизвици.

„Првиот столб е доследното почитување на Повелбата на Обединетите нации и на меѓународното право коешто постои за да ги заштити послабите од предаторските инстинкти на посилните. Во овој контекст, македонската држава цврсто стои на ставот дека територијалните претензии и обидот да се стекне територија со сила се флагрантно кршење на Повелбата на Обединетите нации“, изјави Сиљановска – Давкова.

„Ние ги поддржуваме заложбите за одржлив, праведен и траен мир во Украина, втемелен врз меѓународното право, вклучително и Повелбата на Обединетите нации“, истакна претседателката на Северна Македонија.

Наредната 2025 година, како што рече Сиљановска – Давкова, „ќе славиме 80 години од основањето на Обединетите нации“.

Оваа година е последниот повик, предупреди таа од говорницата на ОН.

„Обединетите нации или ќе станат мотор којшто ќе го движи светот кон похуман, поправеден и поодржлив поредок, втемелен врз инклузивно и одговорно владеење, или ќе се сведат на пасивна бирократизирана структура целосно зависна од главните актери во геополитичките процеси и односи“, заклучи претседателката на Северна Македонија во обраќањето на 79-тото Генерално собрание на ОН.

XS
SM
MD
LG