Линкови за пристапност

Фамилијарна фотографија и неформална вечера: Османи и Блинкен во централна позиција, Лавров не присуствуваше


OSCE 30th Ministry Council in Skopje, North Macedonia / Министерски совет на ОБСЕ во Скопје. Фамилијарна фотографија и неформална вечера.
OSCE 30th Ministry Council in Skopje, North Macedonia / Министерски совет на ОБСЕ во Скопје. Фамилијарна фотографија и неформална вечера.

Во централната позиција на фотографијата беа македонскиот министер за надворешни работи, Бујар Османи, како и државниот секретар на САД, Антони Блинкен. Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, и руската делегација не присуствуваа на неформалниот почеток на Советот на ОБСЕ

Со фамилијарна фотографија и неформална вечера, шефовите на дипломатиите од земјите членки на ОБСЕ вечерва неофицијално го почнаа 30-от министерски совет во Скопје.

Во централната позиција на фотографијата беа македонскиот министер за надворешни работи, Бујар Османи, како и државниот секретар на САД, Антони Блинкен. Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, и руската делегација не присуствуваа на неформалниот почеток на Советот на ОБСЕ.

Според неофицијалните сознанија, Лавров треба да пристигне утре, а државниот секретар на САД, Блинкен, би требало вечерва да замине од Скопје.

Од Американскиот Стејт департмент, денеска беше истакнато дека нема очекувања за каква било средба меѓу Блинкен и Лавров, за време на состанокот на министрите на ОБСЕ во Скопје.

Во текот на денот во Министерството за надворешни работи, шефот на дипломатијата, Османи, како претседавач на ОБСЕ, одржа билатерални средби со повеќе делегации.

На средбата со секретарот Блинкен беше испратена порака со осуда за руската воена агресија и цврста поддршка за украинскиот народ.

Секретарот Блинкен имаше средба и со македонскиот премиер, Димитар Ковачевски. Тој, како што соопштија од Владата, посочил дека САД ќе продолжат да ја поддржуваат Северна Македонија во нејзините следни чекори кои треба да го обезбедат членството во ЕУ.

Скопје од денеска живее со посебен сообраќаен режим и високо ниво на безбедносни мерки. Дел од улиците кои гравитираат кон спортскиот центар „Борис Трајковски“ се затворени.

Пленарната седница на министерскиот совет почнува утре. Во текот на денот треба да биде потпишана и заедничка изјава за борба против корупцијата во југоисточна Европа.

XS
SM
MD
LG