Линкови за пристапност

Што значи мировниот договор за Еритреја и Етиопија?


Двете држави ќе имаат корист од подобрените врски, но можноста за неуспех останува

Етиопија и Еритреја го разрешија конфликтот кој неколку децении ги дефинираше односите меѓу двете источноафрикански нации.

Вчера во главниот град на Еритреја, Асмера претседателот Исаиас Афверки и премиерот на Етиопија Абиу Ахмед потпишаа Декларација за мир, со тоа формално завршувајќи ја воената состојба и поставувајќи основи за нова ера на подобри односи.

Двете држави ќе имаат корист од подобрените врски, а потенцијалните импликации од мировниот договор веќе се видливи. Со договорот се обновија „врските во транспортот, трговијата и телекомуникациите.“ Исто така беа обновени комерцијалните летови, а се планира и отворање на амбасади во двата главни града.

Говорејќи пред собир на Африканската унија во Адис Абеба, генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш рече дека санкциите против Еритреја „природно ќе застарат“ по нормализирањето на односите.

Санкции беа воведени во 2009-та година, по наводите дека Еритреја добива помош од терористичката група, Ал Шабаб. Минатиот ноември, ОН утврдија дека нема докази дека Еритреја во моментов одржува врски со милитантната група со седиште во Сомалија

Гутереш, сепак предупреди дека тој не може да донесе одлука, туку тоа треба да го стори Советот за безбедност на ОН.

Реформи во Еритреја

Политикологот Мајкл Волдемариам од Универзитетот на Бостон за Гласот на Америка рече дека ривалството меѓу Еритреја и Етиопија влијаело врз безбедноста во целиот регион, вклучувајќи ги и затегнатите односи на Еритреја со Џибути и Судан и тензиите на Етиопија со Египет и Сомалија.

„Решавањето на проблемот им дава можност на владите од двете држави да работат заедно во придвижување на регионот напред, кон регионална соработка со цел надминување на безбедносните проблеми“ предвидува Волдемариам.

Импликациите од мировниот договор се помалку јасни кога станува збор за голем број домашни прашања во Еритреја, вели Волдемариам.

По 30 годишната војна за независност ,Еритреја се отцепи од Етиопија во 1991-ва година, а две години подоцна се стекна со меѓународно признавање. Но, државата никогаш не излезе целосно од сенката на конфликтот со Етиопија.

Конфликтот со значително поголемиот сосед доведе до тоа главната цел на Еритреја да биде одбраната. Уставот никогаш не беше имплементиран, немаше избори, а сите млади луѓе се регрутирани во задолжителна воена служба.

Влијание од Блискиот исток

Блискиот исток исто така одигра улога во сегашните случувања во овој дел на Африка. Заедничкиот сојузник на Еритреја и Етиопија, Обединетите Арапски Емирати имаат комерцијални и безбедносни интереси со цел подобрување на односите меѓу двете држави, вели Волдемариам.

Обединетите Арапски Емирати неодамна вложија една милијарда долари во Банката на Етиопија и дополнителни инвестиции вредни две милијарди долари.

Обединетите Арапски Емирати исто така имаат безбедносна соработка со Еритреја, вклучувајќи и воено присуство во Асаб, пристанишен град во јужна Еритреја.

Некои шпекулираа дека САД со месеци посредувале во мировните преговори. Виши американски и еритрејски дипломати се состанаа неколкупати во април, но суштината на разговорите не е јасна.

Траен мир?

Со формалниот мировен договор се отвора ново поглавје во односите меѓу Еритреја и Етиопија, но можноста за неуспех останува.

„Загриженост претставува отпорот во некои од пограничните региони од спроведувањето на договорот меѓу Етиопија и Еритреја“ вели Волдемариам.

Тековниот договор, не е само меѓу Еритреја и Етиопија, туку е исто така меѓу федералната влада на Етиопија и регионалната држава Тиграј, која се граничи со Еритреја. Некои нејзини жители и политички претставници сметаат дека тие се исклучени од процесот, вели Волдемариам.

Но, сепак тој заклучува дека мировниот процес е голем импулс за разрешување на конфликтот и постигнување траен мир.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG