Прва војна ми беше во Ерменија, Карабах, потоа втора војна ми беше Украина, чија државјанка сум, а сега и оваа војна. Така раскажа Ана Штивелбанд, Ерменка која деновиве слета од Израел во Скопје со авионскиот лет од Тел Авив со кој допатуваа деведесетина македонски, српски и црногорски граѓани.
„Ова ми е веќе трета војна во животот. Јас сум Ерменка. Прва војна во Карабах, втора војна во Украина, каде сум државјанка. И сега, третава војна, ја поминав во бункери. Но, да се надеваме на Бога, дека сето ова ќе се среди и дека ќе има мир“, ни раскажа Штивелбанд, која денес е претседателка на Сојузнот на Ерменците во Црна Гора.
Третава војна, ја поминав во бункери. Но, да се надеваме на Бога, дека сето ова ќе се среди.Ана Штивелбанд, Ерменка
Таа била во Израел во посета на своите деца. Но, набргу откако пристигнала, почнал нападот на Хамас врз израелските населби.
„Бев во Ришон Лецион, токму каде што имаше силен напад. Му благодарам на Бога, имаше бункер во близина, па преживеавме. Тоа е во центарот на Израел, во близина на Тел Авив. Токму тој град го бомбардираа“, вели Штивелбанд.
Ни објасни дека постојано се слушал звукот од сирените и морале итно да одат во засолништа.
„Уште од првиот ден имавме само минута да стигнеме до бункерите. Само една минута, откако ќе се огласи сирената. За жал, после секоја сирена паѓаше ракета“, раскажува Штивелбанд.
Таа вели дека пред неполн месец добила внука во Израел. Но, децата нејзини решиле да останат.
Јас живеам во Црна Гора. Си дојдов за децата да не се грижат и за мене
„Децата мои не сакаа да заминат. Тие живеат таму веќе десет години и се патриоти. Јас живеам во Црна Гора. Си дојдов за тие, децата, да не се грижат и за мене“, вели Штивенбалд и додава: На светот му треба генерално средување.
Со авионскиот лет од Тел Авив, преку лет на „Ер Србија“ во петокот во земјава слетаа повеќе од педесет македонски граѓани, кои престојувале во Израел и во Палестина по повеќе основи. Меѓу нив беа и група градежни работници што престојуваа на Западниот брег.
Најмалку 1.300 луѓе загинаа во Израел поради нападите на милитантите на Хамас, изјави минатата недела портпаролот на израелските одбранбени сили, потполковник Џонатан Конрикус. Во кампањата на израелски воздушни напади, пак, што започна неколку часа по упадот во саботата, во Газа загинале најмалку 1.500 луѓе.
Но, според тврдење на министерот за здравство на Газа, во одмаздничките воздушни израелски напади врз појасот загинале најмалку 2.450 лица
Обединетите нации, пак, соопштија дека речиси 340.000 луѓе се раселени од своите домови во Газа, а повеќе од две третини од нив се засолниле во училиштата на ОН.
Израелската армија најави дека се подготвува да влезе со пешадиски трупи во појасот Газа за да се справи со милитантното движење Хамас. Поради тие намери, наредена е евакуација на населението од Газа.
Но, бидејќи се работи за голема бројка цивилно население повисока од еден милион, дојдоа критики до Израел, како и барања за воздржаност од дополнителни насилства.
Facebook Forum