Со емоции, прегратки и солзи, роднини и пријатели ги пречекаа македонските граѓани што денеска со лет на „Ер Србија“ пристигнаа од Израел на аеродромот во Скопје. Со летот од Тел Авив пристигнаа деведесетина лица, меѓу кои беа и граѓани на Србија и на Црна Гора.
Меѓу лицата што пристигнаа беше Константин Бундалевски, кој десетина дена престојувал во Палестина, на Западниот брег. Откако почнале судирите, со помош од Палестинци и Израелци се префрлиле на израелска територија.
Им се заблагодарувам на Палестинците и Израелците кои ни помогнаа да преминеме од Палестина во ИзраелКонстантин Бундалевски
„Му благодарам на министерството за надворешни работи и амбасадорот во Израел. Навистина ни помогнаа, беа цело време со нас и еве денеска сме тука. Им се заблагодарувам на Палестинците и Израелците кои ни помогнаа да преминеме од Палестина во Израел и денеска сме тука, во Скопје“, раскажува Бундалевски и додава дека групата со која тој се наоѓал не наишла на поголеми опасни ситуации.
Но, многу полошо искуство имала Ана Штивелбанд, Ерменка која има жителство во Црна Гора. Таа исто така беше дел од групата што денеска пристигна во Скопје.
Уште од првиот ден имавме само минута да стигнеме до бункерите. Само една минута, откако ќе се огласи сиренатаАна Штивенбалд
„Бев во Ришон Лецион, токму каде што имаше силен напад. Му благодарам на Бога, имаше бункер во близина, па преживеавме. Тоа е во центарот на Израел, во близина на Тел Авив. Токму тој град го бомбардираа. Уште од првиот ден имавме само минута да стигнеме до бункерите. Само една минута, откако ќе се огласи сирената“, вели Штивелбанд и додава дека речиси после секое огласување на сирените имало експлозија од ракети.
Меѓу патниците беше и Марица Јаневска, од Куманово, која седум месеци престојувала туристички во Израел.
„Супер ми беше, многу убави спомени имам. Но, ете, ова се случи. Ние бевме во Ашдод. Почна и таму да се пука, се гранатира, пред некој ден беа фрлени (гранати). Лошо беше, многу лошо“, раскажува Јаневска и додава дека повеќето од македонските граѓани заминале.
Со денешниот лет на скопскиот аеродром пристигна и Стефан Младеновиќ, српски граѓанин. Рече дека во прв момент немал намера да го напушти Израел.
„Не бев исплашен за враќање, сакав да останам таму. Но, штом падна првата бомба каде што живеев, веднаш одлучив да ја напуштам земјата“, вели Младеновиќ.