Линкови за пристапност

 
Експертски предлози за побезбедни улици: Смирен сообраќај, солиден јавен превоз, без пешаци на булеварите

Експертски предлози за побезбедни улици: Смирен сообраќај, солиден јавен превоз, без пешаци на булеварите


Најмалку уште пет лица после Фросина ги загубија животите во сообраќајки. Фото: Пешаци чекаат да преминат на пешачки премин во Скопје, 21 февруари, 2025
Најмалку уште пет лица после Фросина ги загубија животите во сообраќајки. Фото: Пешаци чекаат да преминат на пешачки премин во Скопје, 21 февруари, 2025

Во 2025 година сме на нивото на безбедност во сообраќајот на коешто земјите од ЕУ беа во 2000 година. Значи две и пол децении заостануваме во однос на преземањето мерки за заштита на луѓето, вели професорот од Факултетот за безбедност, Никола Дујовски

Најмалку уште пет лица ги загубиле животите во сообраќајни несреќи на македонските патишта за неполн месец откако 22-годишната Фросина Кулакова беше смртно прегазена во Скопје. Оваа бројка на загинати стои во билтените на МВР објавени во периодот од 29 јануари, денот кога загина Фросина, до 22 февруари.

„Ако трендот продолжи така да се развива оваа година, тогаш ние ќе зборуваме за катастрофални бројки“, вели Никола Дујовски, професор на Факултетот за безбедност во Скопје, при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ од Битола.

Црниот биланс не запира: Најмалку уште пет лица после Фросина ги загубија животите во сообраќајки
please wait
  • Auto
  • 240p
  • 360p
  • 480p
  • 720p
  • 1080p

No media source currently available

0:00 0:05:51 0:00
  • Auto
  • 240p
  • 360p
  • 480p
  • 720p
  • 1080p

Познавачите велат, човечкиот фактор и непочитувањето на правилата во сообраќајот се најголемите причини за црниот биланс на македонските патишта. Тоа го увидовме и при два куси експеримента во Скопје.

За половина час најмалку десет пешаци преминаа булевар каде што не е дозволено, и најмалку шест возила поминаа на крстосница на црвено светло.

Дејан Андоновиќ, портпарол на Републички совет за безбедност во сообраќајот. Изјава за Гласот на Америка, 21 февруари, 2025
Дејан Андоновиќ, портпарол на Републички совет за безбедност во сообраќајот. Изјава за Гласот на Америка, 21 февруари, 2025

Андоновиќ: Пешаците се најнеодговорна група во сообраќајот

Тоа е резултат, пред сè на тоа што го зборуваме секојдневно, а тоа е неодговорното однесување на учесниците во сообраќајот
Дејан Андоновиќ, Совет за безбедност во сообраќајот

„Тоа е резултат, пред сè на тоа што го зборуваме секојдневно, а тоа е неодговорното однесување на учесниците во сообраќајот. Буквално, во сите категории. Од пешаците, кои се најмасовна и најнеодговорна група на учесници во сообраќај, до професионалните возачи, кои треба да бидат пример, како треба да се вози, а тоа не го прават“, вели Дејан Андоновиќ, портпарол на Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата.

Според статистиките од МВР, во 2024 година се случиле вкупно 8.457 сообраќајни незгоди. Во нив 142 лица ги загубиле животите. Најголем дел од жртвите се возачи, 85 лица.

Пешаците се на второ место со 24 загинати. Триесет и тројца од загинатите, пак, биле патници или сопатници во возилата.

Никола Дујовски, професор на Факултет за Безбедност - Скопје, при УКЛО. Интервју за Гласот на Америка, 17 февруари, 2025
Никола Дујовски, професор на Факултет за Безбедност - Скопје, при УКЛО. Интервју за Гласот на Америка, 17 февруари, 2025

Според професорот од Факултетот за безбедност, Никола Дујовски, македонското општество доцни во воведувањето нови мерки за побезбеден сообраќај.

Дујовски: Две и пол децении заостануваме зад ЕУ во преземањето мерки

Во 2025 година, сме на нивото на безбедност во сообраќајот на коешто земјите од ЕУ беа во 2000 година
Никола Дујовски, Факултет за безбедност

„Европските статистики велат дека на еден милион жители во Европа, загинуваат отприлика 40 лица. Ние, сега, во 2025 година, сме на нивото на безбедност во сообраќајот на коешто земјите од ЕУ беа во 2000 година. Значи, отприлика, две и пол децении заостануваме во однос на преземањето мерки за заштита на луѓето, за заштита на страдањето“, посочува Дујовски.

Една од мерките што ја преземаат во Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот се редовни кампањи за одговорно однесување .

„Ние се занимаваме со превенција. Да не дојде до причините, а не да ги лекуваме последиците. За да не дојде до причините, мора да ги потсетиме граѓаните дека не можат возат ако пијат, не можат да пијат ако возат. Мораме да ги потсетиме граѓаните дека треба да се почитуваат правилата и прописите и пропишаната сообраќајна сигнализација. Мораме да ги потсетиме, бидејќи забораваат дека треба да се стави заштитен појас, за што имаме кампањи. Како и тоа дека не треба да користат мобилен телефон додека се учесници во сообраќајот“, посочува Андоновиќ.

Снимавме на крстосница: Најмалку шест возила поминаа на црвено светло за половина час
please wait
  • Auto
  • 240p
  • 360p
  • 480p
  • 720p
  • 1080p

No media source currently available

0:00 0:01:15 0:00
  • Auto
  • 240p
  • 360p
  • 480p
  • 720p
  • 1080p

Подобри и квалитетни патишта, намалување на сообраќајниот метеж, функционален јавен превоз, алтернативни премини за пешаци и велосипедисти. Тоа се дел од мерките што ги предлагаат експертите.

Отстранување на пешаците од булеварите

Во Скопје има подземни и надземни пешачки премини, но се во лоша состојба и не се користат
Никола Дујовски, Факултет за безбедност

„Во Европа пешаците, едноставно, ги нема на главните булевари. Или, тоа е исклучително ретко и само таму каде што не можело да се направи друго решение. Ние имаме неколку точки во Скопје, каде што постојат подземни или надземни пешачки премини, кои се во лоша состојба и не се користат, или, пак, недоволно се користат. Треба да инвестираме, да се подобрат, особено, подвозниците, да се воспостави добар ред за сообраќај. Одете во кој било милионски град во Европа, или во соседството еден Белград погледнете го, едноставно, пешаци нема на главните булевари“, укажува професорот Дујовски.

Според податоците од МВР, најчеста причина за фаталните сообраќајни незгоди лани било брзото возење. Непочитувањето на ограничените брзини довело до 2.037 сообраќајки.

Солиден јавен превоз е неопходен за побезбедни улици, сметаат експерти. Фото: Пешаци во центарот на Скопје, февруари, 2025
Солиден јавен превоз е неопходен за побезбедни улици, сметаат експерти. Фото: Пешаци во центарот на Скопје, февруари, 2025

Како едно од можните решенија, според професорот Дујовски, е смирување на сообраќајот и на булеварите.

„Зборувам за средства за смирување на сообраќајот, во народот познати како ‘лежечки полицајци’, коишто дефинитивно ја намалуваат брзината на движење до посакуваните 30 километри на час“, посочува Дујовски.

Тошковски: Легислативата за Безбедан град оди во Собрание во април

Се надевам дека до крајот на месец март ќе имаме првична верзија на сите закони
Панче Тошковски, Министер за внатрешни работи

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, најави дека системот безбеден град и безбедна држава ќе биде целосно активиран идната година. Замислата е преку видео надзор да се евидентираат и казнуваат прекршувањата во сообраќајот.

„Во наредните месес-дена, ќе работиме интензивно на целокупната легислатива, којашто е потребно да се промени. Се надевам дека до крајот на месец март ќе имаме првична верзија на сите закони коишто треба да влезат во процедура. Сè е со цел за во месец април да влезат во владина процедура, а се надевам, до крајот на април ќе влезат и во собраниска процедура“, истакна Тошковски во изјава за македонските медиуми.

Непочитување на правилото за првенство на минување е една од почестите причини за фаталните сообраќајни несреќи. Фото: Жена преминува улица во Скопје, февруари 2025
Непочитување на правилото за првенство на минување е една од почестите причини за фаталните сообраќајни несреќи. Фото: Жена преминува улица во Скопје, февруари 2025

Но, тоа што се бара од надлежните, е цврста казнена политика, еднаква за секого.

„Доколку имаме казни, коишто би требало да бидат и зајакнати, и би требало да се воведат и некои нови начини на казнување, за возачите, едноставно да станат свесни дека државата стои зад една строга казнена политика и дека нема да отстапи од тоа да го заштити животот на учесниците во сообраќајот“, нагласува Дујовски.

При полчасовен тест на крстосница во Скопје, најмалку шест возила поминаа на црвено светло, февруари 2025 година
При полчасовен тест на крстосница во Скопје, најмалку шест возила поминаа на црвено светло, февруари 2025 година

Личната одговорност на секој учесник во сообраќајот е на прво место

„Доколку сте концентрирани, доколку почитувате пропишани правила и прописи, не гледате по секоја цена да поминете, без разлика дали е прекршок или не, се движите со пропишана брзина, не возите ако пиете или не пиете ако возите. Доколку, едноставно сте концентрирани додека сте во сообраќајот, верувам дека ќе има нула жртви“, категоричен е Андоновиќ од Советот за безбедност во сообраќајот.

Сличен апел упати и професорот од Факултетот за безбедност:

„Тоа е многу важно, да го разберат и помладите и сите учесници во сообраќајот. Нема шега со возилото, никој не смее лекомислено да остави и да верува дека нема да се случи некоја голема трагедија доколку на тој начин се пристапува кон одговорноста во сообраќајот“, заклучува професорот Дујовски.

XS
SM
MD
LG