Најмалку шест возила поминаа на црвено светло во период од половина час и уште десетици други возачи игнорираа да забават на жолто светло. Тоа се покажа во периодот додека снимавме на една од најфрекфентните крстосници во Скопје, кај трговскиот центар „Мавровка“.
Однесувањето на возачите го следевме во претпладневните часови во текот на изминатата работна недела. Поттик за овој кус експеримент беше револтот што се создаде кај македонските граѓани после неодамнешниот немил настан во кој 22-годишната Фросина Кулакова загина откако беше прегазена од 20-годишниот Васил Јованов на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје.
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, како реакција на незадоволството од јавноста од нарушената безбедност во сообраќајот, најави зголемени полициски контроли низ главниот град.
Сепак, во периодот додека снимавме на крстосницата кај ТЦ „Мавровка“ и додека нашата камера ги забележуваше прекршоците, во близина немаше ниту една полициска патрола да врши контрола, ниту пак, да ги санкционира возачите за направените прекршоци.
250 евра глоба за поминување на црвено
Според членот 43 од Законот за безбедност на сообраќајот, глобата за поминување на црвено светло изнесува 250 евра.
Кога се однесува за жолтото светло, пак, законот го вели следново: „Жолто светло - забрана на минување, освен за возилата кои во моментот кога ќе се појави жолто светло се наоѓаат на таква оддалеченост од светлосниот знак што не можат на безбеден начин да се запрат, а да не го поминат тој знак“.
Видеото од нашиот кус своевиден експеримент покажа дека значителен број од возачите не беа во ситуација да не можат да застанат на жолто светло. Во тој случај и за нив би важела истата глоба: 250 евра.
Поминувањето на црвено светло, брзото возење, управувањето под дејство на алкохол, се дел од причините за илјадниците сообраќајни несреќи во кои на годишно ниво животот го губат десетици македонски граѓани.
Фатална 2024-та: 142 загинати во 8.457 сообраќајки
Според податоците што ни ги достави МВР, во 2024 година на македонските патишта се случиле 8.457 сообраќајни незгоди. Во нив 142 лица го загубиле животот.
Најголем дел од жртвите се во незгоди случени надвор од населени места и тоа: На автопатиштата 15 загинати лица, на магистралните патишта 39 загинати, на регионалните 36 жртви, а 38 лица загинале во населени места, односно во сообраќајни несреќи што се случиле низ градските улици.
Најголем дел од жртвите се возачи, 85 лица, 24 се пешаци, а 33 се патници или сопатници.
227 алкохолизирани возачи
Најчеста причина за сообраќајните несреќи лани била брзото возење, односно 2.037 несреќи се случиле поради непочитување на ограничувањето на брзината. Како втора причина е непочитување на првенството на минување, 1.393 незгоди.
Возењето под дејство на алкохол, пак, се наведува дека било причина за сообраќајни незгоди во 227 случаи. Според билтенот на МВР, возачот Јованов, што ја усмрти Фросина Кулакова, бил под дејство на алкохол.
Повторно протестен марш за безбедни улици
Камерите од системот „Безбеден град“ кој се најавува веќе подолг период како едно од решенијата за воведување ред во сообраќајот во Скопје, сè уште не се ставени во функција. Министерот Тошковски во интервју за еден од македонските медиуми рече дека уште се работи на законските правни аспекти за тој систем да стане функционален.
Во меѓувреме во Скопје и во дел од другите градови се организираат протестни маршеви во кои се бара поголема безбедност за сите учесници во сообраќајот.
Денеска (недела) од 17 часот ќе се одржи протестен марш во Скопје, со почеток од Владата. Мотото на протестот е „Сакаме да живееме тука!“, а го организира граѓанската иницијатива „Кој е следен?“.