Поранешниот американски претседател Доналд Трамп ја победи потпретседателката Камала Харис за да добие нов четиригодишен мандат како лидер на земјата.
Во тесната трка Трамп обезбеди најмалку 277 од 538 расположливи електорски гласови на изборите во вторникот, давајќи му го неопходното мнозинство за да стане првиот американски лидер кој освоил непоследователни мандати од 1890-тите.
Камала Харис, пак, демократската кандидатка која се приклучи на трката откако претседателот Џо Бајден се откажа во јули, се обидуваше да стане првата жена избрана за претседател на САД. Таа освои 224 електорски гласови.
Ова е величествена победа за американскиот народ што ќе ни овозможи повторно да ја направиме Америка силнаДоналд Трамп, републикански кандидат за претседател на САД
Трамп ја потврди победата рано утрово додека им се заблагодари на своите поддржувачи на собир во Флорида.
„Ова е величествена победа за американскиот народ што ќе ни овозможи повторно да ја направиме Америка силна“, рече Трамп во обраќањето пред приврзаниците.
Тој вети дека ќе ги „поправи нашите граници“ и „ќе поправи сè во нашата земја“.
Трамп, исто така, рече дека ќе работи на обезбедување „силна, безбедна и просперитетна Америка“.
Официјален претставник на кампањата на Харис им кажа на толпата нејзини поддржувачи во Вашингтон дека нема да се обрати на собирот во текот на изборната ноќ, туку ќе зборува подоцна денеска.
Во системот на САД, каде што претседателските избори се бројат во серија натпревари од држава до држава, и Харис и Трамп брзо беа прогласени за победници во државите каде нивните партии уживаат јасна поддршка од мнозинството, додека нацијата се фокусираше на околу седум т.н. менливи држави од кои се очекуваше да ја наведат рамнотежата во насока на победникот.
На крајот, победите на Трамп во Пенсилванија, Џорџија, Северна Каролина и Висконсин му дадоа предност.
Успехот на републиканците во вторникот се прошири и на Конгресот, каде што партијата го врати мнозинството во Сенатот со најмалку 51 од 100 места. Контролата на Претставничкиот дом, пак, која во моментов ја имаат републиканците, сè уште не беше решена до среда наутро.
Трамп беше на претседателската функција од 2017 до 2021 година, но беше поразен од Бајден на изборите во 2020 година.
Тогаш Трамп продолжи да тврди дека победил. Тоа негирање помогна да се поттикне нападот на американскиот Капитол на 6 јануари 2021 година од страна на толпа негови поддржувачи кои го нарушија официјалното пребројување на резултатите од изборите таа година.
Трамп и неговите сојузници, исто така, започнаа бројни правни предизвици по гласањето во 2020 година, при што државните и федералните судии на крајот отфрлија повеќе од 50 тужби.
Трамп треба да биде инаугуриран за нов мандат на 20 јануари.
Клучен фокус на надворешната политика во новата администрација на Трамп ќе бидат односите меѓу Соединетите Држави и Кина, вклучително и теми како што се трговијата, Тајван и активностите на Кина во Јужното Кинеско Море.
Трамп воведе серија царини против кинескиот увоз во услови на трговска војна со Кина за време на неговата претходна администрација.