Ништо од повиците на меѓународната заедница, амбасадорите акредитирани во Скопје и шефот на државата за потребата од помирување меѓу власта и опозицијата за прашањето на евроинтеграции на земјата. Клучната тема за иднината на Северна Македонија никако да излезе од дневнополитичкиот ритам и да стане надпартиско прашање. ВМРО-ДПМНЕ, сега ја обвинува владејачката коалиција дека таа е антиевропска и дека формирала антимакедонски фронт.
„Цело ВМРО-ДПМНЕ, не дел од ВМРО-ДПМНЕ е на бродот кон Европската Унија. Било, е и ќе остане на тој брод. Мене ме загрижува дека дел од раководството на СДСМ, не цело СДСМ заедно со ДУИ формираа, наместо како што оние го нарекоа Европски фронт, формираа антимакедонски фронт. И тоа ме загрижува, бидејќи тоа е една појава на уништување на сопствениот народ, за да може да биде задржана сопствената позиција“, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Одговорот брзо дојде.
„Наместо ВМРО-ДПМНЕ да одговори дали ќе се приклучи на европскиот блок или ќе остане во заложништво на Левица, Мицкоски измислува нова глупост за наводно редифинарање на државата“, изјави Жаклина Лазареска од СДСМ.
Додека трае партиската пресметка за тоа кој е поголем Европеец, Брисел испорачува јасни пораки до земјите од Западен Балкан дека треба да се свесни за руското влијание кое се обидува да ги измести од европскиот пат и дека ако сакаат да напредуваат мора да покажат постигнувања во делот на реформската агенда.
„Сакаме да напредуваме во процесот на проширување и пративме силна порака дека тие треба да го искористат моментот проширувањето создаден со брзиот прогрес на Украина која напредува, а регионот треба да ја следи со исто темпо. Сега е време да ги забрзаат реформите, да се усогласат со ЕУ стандардите, треба ја искористат оваа единствена можност“, изјави високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Жозеп Борел.
Северна Македонија има и дополнителен проблем – односите со Софија. На состанокот ЕУ-Западен Балкан ова прашање го отворил шефот на бугарската дипломатија кој не го криел незадоволството на неговата влада од неодамнешната изјава на премиерот Ковачевски кој дискурсот на Бугарија кон Македонија го спореди со оној на Русија кон Украина.
„Разговаравме многу кратко со министерот Османи за прашањата што не интересираат. Тој се обиде да објасни дека говорот на премиерот де факто е поврзан со конкретни политичари, а не, во принцип, со политиката на Бугарија. Но, јас го прашав зошто во оваа ситуација се споменува Бугарија, а не конкретниот политичар на кој цели. Од наша страна посочив дека е исклучително важно да се запазат сите ангажмани, вклучувајќи ја и промената на Уставот“, изјави Иван Кондов, в.д. минситер за надворешни работи на Бугарија.
Позицијата која Брисел, но и Вашингтон, постојано ја повторуваат е дека ова е суверена одлука на земјата, но без која нема напредок во наредната фаза од пристапните преговори. Засега, оваа порака не допира до сите од кои зависи процесот на уставни измени.