Линкови за пристапност

Мешана реакција од Конгресот за обраќањето на Обама


Мешана реакција од Конгресот за обраќањето на Обама
Мешана реакција од Конгресот за обраќањето на Обама

Целокупната реакција во Конгресот на обраќањето на претседателот Барак Обама за состојбата во која се наоѓа државата беше стриктно по партиска линија. Единствениот исклучок беше во надворешната политика каде демократите и републиканците ја повторија решеноста на претседателот да се спречи Иран во изградбата на нуклеарно оружје.

Како што можеше да се очекува, демократските законодавци го фалеа настапот на Барак Обама. Сенаторката Барбара Боксер од Калифорнија рече:

„Мислам дека беше одличен. Мислам дека со говорот тој направи конверзација меѓу возрасни со Конгресот и со американскиот народ.”

Републиканците, исто така како што можеше да се очекува, изразија остро спротивставување. Сенаторот Џон Барасо од Вајоминг кажа:

„Мислам дека ова не беше еден од неговите посилни говори и мислам дека брзо ќе биде заборавен“.

Демократскиот конгресмен Френк Палоне од Њу Џерси имаше големи фалби за економските предлози на Обама:

„Мислам дека пораката за изградба на економија што ќе трае е токму она што гласачите сакаа да го чујат. Сакаме да обезбедиме креирање на работни места, работни места што се трајни, да го вратиме производството – тоа е многу важно на мојте сограѓани. Изгубивме многу работни места во текот на последниве 20 години кои отидоа во странство“.

Но републиканскиот конгресмен Џо Вилсон од Јужна Каролина кажа дека економската агенда на претседателот ќе донесе само тешкотии:

„Визијата за повисоки даноци уништува работни места. Предлозите што тој ги имаше уништуваат работни места во време кога имаме рекордна невработеност. Неговите претходни политички одлуки не беа успешни“.

Додека домашната политика продолжува да разгорува партиска поделба на Капитол хил, некои од изјавите на претседателот за надворешната политика беа добро примени и од републиканците и од демократите. Републиканскиот конгресмен Џејмс Ланкфорд од Оклахома го поздрави цврстиот став на Обама за иранските нуклеарни амбиции:

„Тоа беше најјасна изјава што сум ја слушнал од него до сега, дека нема да толерираме нуклеарен Иран. Имаше широка двопартиска согласност по тоа прашање“.

Демократскиот конгресмен Емануел Кливер од Мисури, се согласува:

„Можам да ги замислам мулите во Иран и претседателот Махмуд Ахмадинеџад како се тресат утрово кога се разбудиле“.

Многу законодавци од обете партии исто така поздравија заложба за построга политика спрема трговската пракса на Кина. Гери Конали е демократски конгресмен од Вирџинија:

„Нема бизнис што има деловни врски со Кина со кој сум разговарал каде нема загриженост за кражба на интелектуална сопственост, без оглед дали се работи за трговскиот сектор, софтвер секторот или произведствениот сектор.

Повикот на претседателот Обама за двопартиство и чувство на заедничка цел во спротивставување на предизвиците на Америка беше пречекан со различни реакции од законодавците. Еден демократски претставник кажа дека членовите на Конгресот апсолутно мора да работат заедно, дури и во изборна година како оваа, зашто во спротивно нацијата ќе страда. Републикански претставник забележа дека Обама побарал слично нешто минатата година, на годишното обраќање до нацијата, и дека со мали исклучоци, тоа не се случило

XS
SM
MD
LG