Линкови за пристапност

Обама: „Состојбата на Унијата станува посилна“


Обама: „Состојбата на Унијата станува посилна“
Обама: „Состојбата на Унијата станува посилна“

Во можеби најважниот говор во неговиот мандат, американскиот претседател капитализираше на популистистички тон, зафаќајќи широка лепеза на главно домашни теми.

Десетици милиони Американци го слушаа вечерва секој збор од третото годишно обраќање на претседателот Барак Обама пред Конгресот и нацијата за состојбата во која се наоѓа Унијата.

Економијата беше тема на вечерта, како што се очекуваше. Но ова е многу политичка година, изборна година, и претседателот длабоко свесен дека ова е можеби неговиот најважен говор во мандатот, го искористи да ги постави премисите на неговата кампања за реизбор.

„Мислете на Америка што ни е на дофат. Држава што го предводи светот со едуцирање на својот народ. Америка што привлекува нови генерации на високотехнолошко производство и високо платени работни места. Иднина во која ние ја контролираме нашата енергија, и каде нашата безбедност и просперитет не се толку врзани со нестабилни делови на светот. Економија изградена да трае, каде се исплатува тешката работа и одговорноста се наградува“, рече претседателот пред да продолжи да ги претресува даноците и нееднаквоста во државата во овие тешки времиња за обичните граѓани.

Ова беше голема шанса на претседателот да им каже на своите сограѓани дека треба да го сослушаат, зашто тој работи за нив и сака да работи, како што рече, со секој во овој народен дом, да се обнови духот на ветувањето - дека секој кој работи чесно и игра според правилата, треба да има еднаква шанса, можност да го добие заслуженото.

Тој инсистираше дека работите се поправаат и го поттикна Конгресот да направи некои крупни потези, иако никој не очекува дека тоа навистина ќе се случи пред изборите годинава. Но тој ја даде неговата страна во таа равенка. Направи напор да му покаже на народот дека има визија и дека тоа за што се залага не се демократски вредности или републикански вредности, туку американски вредности.

Обама рече дека тоа е можно, зашто „сме биле таму“, како што рече, и дека треба секој Американец повторно да сфати дека е дел од нешто поголемо од него самиот.

Не употреби многу време на тоа како се стигнало до ова, освен што напомена дека работните места почнале да се осипуваат уште пред рецесијата и во 2008-ма се урнала кулата од карти. Но ова е момент кога треба да видиме како ќе тргнеме напред, рече претседателот, дефинирајќи го тоа како „план што почнува со американското производство“ .

Мојата порака е јасна, рече Обама. Време е да престанеме да ги наградуваме бизнисите што ги извезуваат работните места во странство и да започнеме да ги наградуваме компаниите што креираат работни места овде, во Америка. Дајте ми ги тие даночни реформи, јас ќе ги потпишам истиот момент, рече претседателот на САД, со силен популистички тон што му донесе аплауз.

Предизвиците остануваат, но ние знаеме како да ги решиме, продолжи натаму претседателот минувајќи на образованието. Изнесе голем број иницијативи за поттикнување на останувањето во училиште, нудење работа на оние кои завршуваат, намалување на школарините.

Во однос на изградбата на подобра енергетска иднина, Обама рече дека разликите во Конгресот се големи за да се усвои сеопфатен план за борба против климатските промени. Но затоа тој вечерва рече дека презема акција: Објави дека Одделот за одбрана, најголемиот потрошувач на енергија во светот, ќе направи една од најголемите определби за чиста енергија во историјата – со Морнарицата што ќе купи доволно капацитет за употреба во четвртина милион домови годишно.

Претседателот заврши со напомена дека еден од предметите што ги поседува на кои е најмногу горд е знамето што тимот кој заминал на мисија по бин Ладен го имал со себе. Ниеден од тие луѓе не ја заврши мисијата сам. Така е и со Америка, рече тој. „Секој пат кога го гледам тоа знаме, ме потсетува дека нашата судбина е неразделно поврзана, како тие педесет ѕвезди и тие тринаесет линии. Оваа нација е голема зашто работевме заедно. Зашто го чувавме грбот на другиот. И ако се држиме на таа вистина, нема предизвик што е преголем, нема мисија што е претешка. Се` додека сме поврзани со заедничка цел, ќе одиме понатаму, нашата иднина е надежна и состојбата на нашата Унија ќе биде силна“.

Републиканскиот одговор оваа година го даде гувернерот на Индијана, Мич Даниелс, кој претстави контрастна слика на Америка како држава која под администрацијата на Обама само тонела подлабоко и каде поделбите, поголеми од секогаш, биле поттикнувани токму со политиката на претседателот.

XS
SM
MD
LG