Нема конечен договор за уставни измени – тоа е епилогот од лидерската средба меѓу Димитар Ковачевски и Христијан Мицкоски. Премиерот и претседател на владејачкиот СДСМ и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, за време на неполните два часа колку што траеше состанокот, на маса ставиле неколку предлози за кои не успеале да постигнат консензус.
Ковачевски предложил со двотретинско мнозинство, во парламентот, да се усвои потребата за промена на Уставот. Наредната фаза би била да се формира влада во која СДСМ на ВМРО-ДПМНЕ ќе и отстапи пет од своите десет министерски позициии. Третата фаза би била заокружување на процесот на уставни измени, отворање и затворање на неколку преговарачки поглавја и дури потоа би се одело на парламентарни избори.
„На оваа понуда, која претставува позиција на Димитар Ковачевски, од моја страна беше даден следниот одговор – во ред, ја разбирам понудата и за не го имам следниот став, ВМРО-ДПМНЕ е подготвена да влезе во влада со СДСМ и со другите политички партии, но без учество во владата на ДУИ. ВМРО-ДПМНЕ е подготвена да учествува во неа со тоа што избори подготвува техничка влада, не оваа влада, 100 дена пред одржувањето на тие избори. А, евентуалните уставни измени да важат денот кога ќе отпочне ратификацијата на пристапниот протокол на Македонија во рамките ЕУ од парламентите на 27-те земји членки“, рече Мицкоски.
Овој предлог на лидерот на опозицијата, премиерот го протолкувал како прекршување на преговарачката рамка усогласена со ЕУ во јули минатата година. Ковачевски дал уште една опција за одоброволување на ВМРО-ДПМНЕ.
„Уставните измени кои ќе се донесат, во своите завршни и преодни одредби, ќе има одредба дека важат во моментот на одржување на Втората меѓувладина конференција. Се надвор од тоа е разговор надвор од преговарачката рамка која е донесена од сите 27 земји членки на ЕУ, која е компромис за продолжување на преговорите и заштита на македонскиот јазик, култура, историја“, рече Ковачевски.
Двајцата лидери, во опсежните изјави по средбата, излегоа и со различни оценки за состанокот и резултатот од него.
„Имаме нов став во однос на тоа што беше кажувано – дека нема промена на Уставот под ниедна цена. Денеска слушнавме нешто друго тоа е добро. Сметам дека имавме продуктивен состанок со добра волја и комуникацијата треба да продолжи“, додаде Ковачевски.
„Ценам дека лидерска средба јасно ги покажа позициите оти во овој момент нема двотретинско мнозинство и дека час поскоро треба да има релаксирање на општеството, а единствен начин за тоа се, час поскоро, предвремени избори“, рече Мицкоски.
Брзо стигна одговорот на ДУИ на изјавата на Мицкоски за широка влада, но без учество на партијата на Ахмети.
„ДУИ е подготвена да поддржи Влада без ДУИ до избори доколку опозицијата ги поддржи уставните измени и истите стапат на сила пред формирањето на таа влада“, напиша на социјалните мрежи Бујар Османи.
ВМРО-ДПМНЕ го поздрави ваквиот став на ДУИ. „Останува ДУИ освен за опозиција да се согласи за одложена примена на измените се до периодот на влез на Македонија во ЕУ, откако ќе се увериме дека нема други условувања за македонскиот идентитет“, напишаа од опозициската партија.