Линкови за пристапност

Блинкен остана да преноќи во Киев среде руските напади


Државниот секретар на САД го посети Киев, каде најави нов пакет помош во вредност од над една милијарда долари, вклучувајќи поддршка за воздушната одбрана на Украина
Државниот секретар на САД го посети Киев, каде најави нов пакет помош во вредност од над една милијарда долари, вклучувајќи поддршка за воздушната одбрана на Украина

Украина постигна важен напредок во својата контраофанзива против руската инвазија, изјави денес американскиот државен секретар Ентони Блинкен за време на посетата на Киев, која беше засенета од руски напад во кој загинаа најмалку 17 лица.

Блинкен ќе преноќи во Киев среде нападите. Ова е првпат тој и неговата придружба да преноќат во земјата.

Претседателот Володимир Зеленски го осуди нападот, кој погоди преполн пазар во град на источната линија на фронтот, кој е близу до разурнатиот град Бахмут.

Тој рече дека меѓу загинатите има и едно дете, а официјални лица рекоа дека најмалку 32 лица се повредени.

„Ова руско зло мора да биде поразено што е можно поскоро“, рече Зеленски, опишувајќи го како намерен напад на „мирен град“.

Блинкен, првиот висок американски функционер што го посети Киев од почетокот на контраофанзивата на почетокот на јуни, објави нов пакет помош од САД во вредност од над една милијарда долари, вклучувајќи поддршка за воздушната одбрана на Украина.

„Во тековната контраофанзива, напредокот се забрза во изминатите неколку недели. Оваа нова помош ќе помогне да се одржи и да се изгради понатамошен моментум“, им рече Блинкен на новинарите на прес-конференцијата со министерот за надворешни работи на Украина Дмитро Кулеба.

Блинкен претходно го опиша напредокот како важен и „многу, многу охрабрувачки“.

Извештаите на американските медиуми цитираат неидентификувани американски официјални лица дека украинската контраофанзива била премногу бавна и попречена од лошата тактика - критика што ги налути украинските власти и го поттикна Кулеба да им порача на критичарите да „молчат“.

Украина во својата офанзива зазеде повеќе од десетина села и мали населби.

Но, контраофанзивата беше забавена од мински полиња и ровови.

Американските власти јавно не ја критикуваа воената тактика на Украина, а минатата недела изјавија дека забележале напредок на југоистокот.

Новата американска помош ќе вклучува системи за лансирање ракети ХИМАРС, противтенковско оружје „Џавелин“, тенкови „Абрамс“ и други системи за оружје, рече портпаролката на Белата куќа Карин Жан-Пјер.

Пентагон соопшти дека ќе испрати и муниција со осиромашен ураниум.

Запрашан за посетата на Блинкен, портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков рече дека Москва верува оти Вашингтон планира да продолжи да ја финансира украинската војска.

Тој рече дека помошта на САД за Киев нема да влијае на текот на, како што ја нарече, специјалната воена операција на Русија.

Некои од информациите се од Ројтерс

XS
SM
MD
LG