Линкови за пристапност

Блинкен ја предупреди Кина за провокации кон Тајван


Американскиот државен секретар Ентони Блинкен зборува за време на прес-конференција на маргините на Самитот на Асоцијацијата на нациите од Југоисточна Азија (АСЕАН) во Американскиот центар во Виентиан, Лаос, 11 октомври 2024 година.
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен зборува за време на прес-конференција на маргините на Самитот на Асоцијацијата на нациите од Југоисточна Азија (АСЕАН) во Американскиот центар во Виентиан, Лаос, 11 октомври 2024 година.

Сите земји на Асоцијацијата на нациите од Југоисточна Азија сакаат мир и стабилност во Тајван, изјави највисокиот американски дипломат

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен денеска ја предупреди Кина од воени провокации кон Тајван, по силната реакција на Пекинг на годишниот говор на лидерот на самоуправуваната демократија.

„Можам да ви кажам дека во однос на таканаречениот говор на „Ten Ten“, што е редовна појава, Кина не треба да го користи на кој било начин како изговор за провокативни дејства“, им рече Блинкен на новинарите за време на прес-конференцијата во Виентиан, Лаос.

Тој мислеше на 10 октомври, познат како ден во кој има исти броја – 10, кога Тајван го слави основањето на Република Кина во 1912 година, само неколку месеци по востанието што започна на 10 октомври 1911 година.

Народна Република Кина го слави својот национален ден на 1 октомври, одбележувајќи го основањето на земјата во 1949 година.

Кина продолжи да ги засилува своите воени закани против Тајван, по вчера одржаниот говор на претседателот Лаи Чинг, кој го отфрли тврдењето на Кина за суверенитет над островот.

Блинкен беше во Виентиан на состаноци со водачите на Асоцијацијата на нациите од Југоисточна Азија и учествуваше на самитот во Источна Азија.

Тој рече дека постои силна желба меѓу сите земји на АСЕАН, заедно со другите присутни, да го одржат мирот и стабилноста преку Тајванскиот теснец, при што ниту една страна не презема дејствија што го поткопуваат статус квото.

Претходно денеска, Тајван откри 20 кинески воени авиони и 10 поморски бродови околу Тајван. Тринаесет од авионите ја преминале средната линија и влегле во северната и југозападната зона за идентификација на воздушната одбрана на Тајван, според објавата на тајванското Министерство за одбрана на платформата X на социјалните мрежи.

Помеѓу средата и четвртокот, Тајван откри и 27 кинески воени авиони, девет поморски бродови и пет официјални бродови.

Во Пекинг, кинеските власти рекоа дека Тајван „нема таканаречен суверенитет“.

Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи Мао Нинг остро го критикуваше Лаи, обвинувајќи го дека има „лоша намера да ги засили тензиите во Тајванскиот теснец заради неговиот себичен политички интерес“.

Тајван е самоуправен од 1949 година, кога комунистите на Мао Цетунг ја презедоа власта во Пекинг откако ги победија националистите од Куоминтанг на Чианг Каи-шек во граѓанска војна, што предизвика преселување на националистите на островот.

Вашингтон го префрли своето дипломатско признавање од Тајпеј во Пекинг за да се спротивстави на тогашниот Советски Сојуз во 1979 година.

Оттогаш, односите меѓу САД и Тајван се регулирани со Законот за односи со Тајван што Конгресот го донесе во април 1979 година, според кој САД обезбедуваат одбранбена опрема на Тајван.

Во септември, тајванскиот претседател Лаи рече дека ако претензиите на Кина над Тајван навистина се засноваат на загриженоста за територијалниот интегритет, таа исто така треба да се обиде да ги врати 600 000 квадратни километри земја што и ја отстапи на Русија во 19 век – област речиси со големина на Украина.

XS
SM
MD
LG