Украинскиот претседател Володимир Зеленски денес го повтори својот апел за оружје со долг дострел за да се спроведат офанзивни и одбранбени операции против руските сили кои ја нападнаа неговата земја.
Зборувајќи за време на посетата на Чешката Република, Зеленски рече дека Украина разговара за системи за оружје со долг дострел со многу сојузници, вклучително и со САД.
„Без оружје со долг дострел, тешко е не само да се изврши офанзивна мисија, туку и, искрено, да се спроведе одбранбена операција. Многу е тешко. Тоа значи дека ја браните својата земја и не можете да стигнете до соодветната дистанца да го уништите вашиот непријател, т.е. непријателот има далечна предност“, рече тој.
САД очекуваат силни дискусии за долгорочните безбедносни потреби на Украина на самитот на НАТО.
Посетата на Зеленски во Прага е дел од странската турнеја пред самитот на НАТО следната недела, за време на која се очекува тој да ја повика алијансата да ја прими Украина како членка.
Европската Унија денес соопшти дека нејзините земји-членки постигнале договор да потрошат 545 милиони долари за зајакнување на производството на муниција за Украина и за обновување на резервите на муниција на нејзините членки.
Администрацијата на претседателот Џо Бајден планира да испрати касетна муниција во Украина за да ѝ помогне во тековната војна против Русија, рекоа американски официјални лица, потег што најверојатно ќе ги налути групите за човекови права.
Ова контроверзно оружје може да предизвика штета долго по завршување на борбите, и е забрането од 123 земји поради ризикот што го претставува за цивилите. Сепак, САД, Украина и Русија го немаат забрането.
Касетната муниција се очекува да биде дел од новиот пакет помош од САД за Украина што треба да биде објавен утре.
Украина и Русија користат касетна муниција на бојното поле, но Киев бараше од Вашингтон да испрати касетна муниција, бидејќи неговите сили снемале.
Досега, САД се спротивставија на обезбедувањето на касетната муниција поради ризикот што тие го претставуваат за цивилите.
Но, сега, американските власти, наводно, веруваат дека касетната муниција би била корисна во борбата на Украина против Русија, според официјални лица кои зборуваа под услов да останат анонимни бидејќи не се овластени да зборуваат јавно.
Очекуваната одлука на САД, која може да биде објавена уште денес, прво ја објави Националното јавно радио.
Дописникот на Гласот на Америка за национална безбедност Џеф Селдин придонесе за овој текст. Дел од информациите во текстот се преземени од АП, Ројтерс и Франс-прес