Највисоките функционери на Белата куќа и републиканските законодавци беа пред договор вчера навечер со кој ќе се зголеми лимитот на долгот за две години, а исто така, ќе се ограничат федералните трошоци за сите освен за војската и ветераните, според медиумските извештаи.
Ако договорот се постигне, тој ќе го зголеми лимитот за задолжување на владата после претседателските избори во 2024 година.
Компромисот ќе им овозможи на демократите да кажат дека ги поштедиле повеќето домашни програми од големи кратења, а републиканците велат дека ги намалиле некои федерални трошоци, според „Њујорк тајмс“, кој прв извести за ова.
Преговарачите разговараа вчера вечерта и почнаа да подготвуваат законски текст, според весникот.
„Разговаравме со Белата куќа цел ден, одевме напред-назад, и не е лесно“, им рече на новинарите спикерот на Претставничкиот дом Кевин Мекарти додека го напушташе Капитол в четвртокот навечер.
„Потребно е време за да се оствари, а ние работиме напорно за да го оствариме тоа“.
Претходно вчера, претседателот Џо Бајден рече дека преговорите со републиканските закондавци за зголемување на лимитот за задолжување на американската влада и одредување на идните нивоа на трошење се одвиваат добро, истовремено уверувајќи ги Американците дека земјата нема да потфрли да ја исполни својата обврска да ги плати сметките.
Преговарачите за буџетот на Белата куќа продолжија да разговараат со претставниците на Мекарти за да ги средат последните детали од договорот, но не беше објавен договор бидејќи законодавците почнаа да го напуштаат Вашингтон пред годишниот викенд за Денот на сеќавањето на загинатите војници.
Претставничкиот дом под контрола на републиканците треба да се врати во вторник - само два дена пред 1 јуни, датумот кога секретарката за финансии Џенет Јелен рече дека владата би можела да остане без готовина за да ги исполни своите обврски, доколку постојниот лимит на долгот на земјата од 31,4 трилиони долари не се зголеми за да може владата да позајми повеќе пари.