Линкови за пристапност

Бајден ги брани резултатите на надворешен план и покрај тековните кризи


Американскиот претседател одржува говор во Стејт департментот во Вашингтон
Американскиот претседател одржува говор во Стејт департментот во Вашингтон

Претседателот во заминување Џо Бајден денес се обиде да ја истакне својата надворешна политика и рече дека противниците на САД се послаби отколку кога тој ја презел функцијата пред четири години и покрај глобалните кризи кои остануваат нерешени.

Една недела пред да дојде на власт новоизбраниот претседател Доналд Трамп, Бајден во реткиот говор во Стејт департмент, ја истакна поддршката на неговата администрација за Украина против руската инвазија во 2022 година и за војните на Израел на Блискиот Исток.

Бајден рече дека САД „победуваат во светскиот натпревар“ и нема да бидат економски надминати од Кина како што беше предвидено, додека Русија и Иран се ослабени од војните без директно учество на САД.

„Во споредба со од пред четири години, Америка е посилна, нашите сојузи се посилни, нашите противници и конкуренти се послаби“, рече Бајден.

„Не сме влегле во војна за да се случат овие работи“.

Додека војните продолжуваат да беснеат во Украина и на Блискиот Исток, властите се надеваат дека може да се постигне договор меѓу Израел и палестинската милитантна група Хамас пред Бајден да замине од Белата куќа на 20 јануари.

Бајден рече дека преговарачите се блиску до постигнување договор со кој ќе се ослободат заложниците кои ги држи Хамас во појасот Газа и ќе се запрат борбите во палестинската енклава за да се овозможи наплив на хуманитарна помош.

„Толку многу невини луѓе се убиени, толку многу заедници се уништени. Палестинскиот народ заслужува мир“, рече тој.

Бајден се соочи со критики за обезбедување на оружје и дипломатска поддршка на Израел за време на неговиот напад врз Газа, откако Хамас го нападна јужен Израел на 7 октомври 2023 година, убивајќи 1.200 луѓе и земајќи повеќе од 250 заложници, според израелските податоци.

Оттогаш, повеќе од 46.000 луѓе се убиени во Газа, според палестинските здравствени власти, при што голем дел од енклавата е уништен, а поголемиот дел од нејзиното население е раселено.

Демонстранти кои извикуваа „воен злосторник“ го пречекаа Бајден пред Стејт департментот, некои со знаци, а некои фрлајќи црвена течност наменета да изгледа како крв.

Бајден рече дека му помогнал на Израел да ги победи противниците како Хамас во Газа и Хезболах во Либан, две групи поддржани од Иран.

Американскиот претседател, исто така, ја поздрави поддршката на Вашингтон за Израел за време на двата ирански напади во 2024 година.

„Сепак, Иран е послаб отколку што беше со децении“, додаде тој, истакнувајќи го колапсот на сириската влада на Асад.

„Нема сомнеж дека нашите постапки придонесоа значително“.

XS
SM
MD
LG