СКОПЈЕ – Маржа најмногу до 10 проценти. Ова е одлуката на Владата со која би требало да се стави крај на забрзаниот раст на цените на основните прехранбени продукти поради самоволието на трговците, добавувачите, дистрибутерите и производителите. Потегот на Владата се должи на извештајот на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) во кој е утврдено дека маржите се движат од 20 до над 50 проценти за продукти без кои граѓаните едноставно не може да живеат или функционираат.
Замрзнување на маржите ќе има за сите производи кои беа во есенската кошничка, дополнети со бебешка храна и детергенти а ќе трае до 30 април. Опфатени се околу 100 групи на производи.
„Владата го задолжи министерството за економија да ја донесе одлуката за ограничување на маржа на 10 проценти во трговија на мало и големо на основните прехранбени производи, на истите 73 групи производи кои беа во претходните кошнички и да се дополни со средства за хигиена односно детергенти и бебешка храна како и други непрехранбени производи кај кои е забележана многу висока маржа а се дел од основните потреби на граѓаните“, изјави Марија Митева, портпарол на Владата.
Засега нема прецизна информација околу рокот кој го има министерството за економија да ја изготви одлуката а ќе стапи на сила откако ќе биде усвоена на седница на Влада. Очекувањата се дека процедурата ќе биде готова најдоцна до следната седница.
Контролите на пазарната инспекција ќе траат и во периодот до 30 април до кога ќе биде на сила одлуката за замрзнување на маржите.
Замрзнувањето на маржите доаѓа откако пазарната инспекција направи детална и темелна контрола во која беше утврдено дека маржите се движат од 20 до над 50 проценти. Маржите на своја рака ги одредувале увозници, трговци дистрибутери.
„Кај трговците на мало, односно маркетите за основните прехранбени производи како млеко леб и зејтин има над 20 проценти маржа. Над 30 проценти бруто профитна маржа кај средствата за лична хигиена. Увозници дистрибутери во трговија на големо има и до 50 проценти“, појасни Митева.
Контролите на пазарната инспекција продолжуваат и до крајот на неделава треба да заврши за производителите на млеко и млечни производи како и кај производителите на месо и месни производи.
Големите ланци маркети ќе треба да имаат веб страни на кои ќе бидат објавени цените на производите и оваа листа ќе треба да се ажурира на дневна основа. Ова е препорака на Владата по денешната седница а утрово ја најави премиерот Христијан Мицкоски.