Линкови за пристапност

Јелен вели дека САД би можеле да го достигнат лимитот на задолжување на први јуни


Секретарката за финансии Џенет Јелен го извести Конгресот дека се предвидува оти САД ќе го достигнат лимитот на задолжување уште на први јуни, доколку законодавците не го подигнат или суспендираат лимитот на долгот пред тоа, објави Асошиетед прес.

Во писмото до лидерите на Претставничкиот дом и Сенатот, Јелен го повика Конгресот „да ја заштити целосната верба и заслуга на САД со тоа што ќе дејствува што е можно поскоро“ за решавање на лимитот од 31,4 трилиони долари.

Одделот за финансии, исто така, денес соопшти дека планира да го зголеми своето задолжување во текот на кварталот од април до јуни оваа година.

Републиканците во Претставничкиот дом минатата недела тесно ја усвоија легислативата за задолжување, обидувајќи се да го поттикнат претседателот Џо Бајден да преговара за федералните трошоци.

Ова е почеток на напорите да се избегне потенцијално катастрофално неисполнување на државниот долг ова лето.

Бајден се закани дека ќе стави вето на нацрт-законот за буџетските ограничувања што се предвидени.

Претседателот вели дека би сакал да разговара со спикерот Кевин Мекарти, но оти нема да преговара за законските должнички обврски на Америка.

Планот на Републиканците ќе го зголеми лимитот на долгот за 1,5 трилиони долари во замена за големи ограничувања на трошоците на кои се спротивставуваат демократите.

Белата куќа инсистира дека ограничувањето на долгот мора да биде укинато без никакви услови за да се осигура дека Америка ги плаќа своите сметки.

Извор: АП

XS
SM
MD
LG