Австралиската министерка за надворешни работи Пени Вонг денес рече дека владата ќе продолжи со финансирањето на Агенцијата на Обединетите нации за помош и работа, која обезбедува хуманитарна помош за Палестинците во Газа.
Во јануари Австралија им се придружи на неколку западни земји во суспендирањето на финансирањето на агенцијата, откако израелското разузнавање сугерираше дека десетина нејзини работници биле поврзани со нападот на милитантите на Хамас на 7 октомври.
Зборувајќи со новинарите денес, Вонг рече дека е уверена оти Агенцијата на ОН за помош на Палестинците „не е терористичка организација“.
Таа додаде дека агенцијата е од клучно значење за давање помош на луѓето во Газа „кои се на работ на неисхранетост“.
Претходно овој месец, Канада и Европската Унија објавија дека, исто така, ќе продолжат со финансирањето за агенцијата.
САД, најголемиот донатор на агенцијата, продолжуваат да ги замрзнуваат плаќањата.
Вонг им рече на новинарите дека е задоволна што истрагата за наводите по нападот на Израел на 7 октомври од страна на Хамас е темелна.
„Природата на овие наводи налага итен и соодветен одговор“.
Австралија соопшти дека Израел има право да се брани по нападот на милитантите на Хамас во октомври минатата година.
Канбера се залага за решение со две држави во кое Израел и идната палестинска држава коегзистираат во меѓународно признатите граници.