Линкови за пристапност

Преговарачите на Хамас заминаа од Каиро, разговорите ќе продолжат следната недела


Раселените Палестинци ги транспортираат своите работи на количка со коњ среде урнатините на куќите уништени од израелските бомбардирања во Кан Јунис во јужниот дел на појасот Газа, 6 март 2024 година
Раселените Палестинци ги транспортираат своите работи на количка со коњ среде урнатините на куќите уништени од израелските бомбардирања во Кан Јунис во јужниот дел на појасот Газа, 6 март 2024 година

Хамас денес соопшти дека нејзината делегација го напуштила Каиро, местото на преговорите фокусирано на постигнување нов прекин на огнот во конфликтот со Израел, и дека разговорите ќе продолжат следната недела.

Изјавата на Хамас уследи по неколкунеделните напори на САД, Египет и Катар за план кој ќе вклучува запирање на борбите за околу шест недели, заедно со ослободување на заложници кои ги држат милитантите во Газа и некои затвореници држени од Израел.

Нема коментар од Израел, кој ги отфрли барањата на Хамас израелските сили целосно да се повлечат од појасот Газа.

Израел соопшти дека е посветен на својата цел да го елиминира Хамас по нападот на Хамас на 7 октомври во кој загинаа 1.200 луѓе, според израелските податоци.

Се верува дека палестинските милитанти сè уште држат околу 100 заложници заробени за време на нападот, заедно со останките на 30 други.

Израелската војска денес објави дека извршила рации и уништила штабови на милитантите во јужниот дел на појасот Газа.

Израелските одбранбени сили соопштија дека израелските трупи спровеле операции во областа Кан Јунис, вклучително и лоцирање на складиште за производство на оружје.

Израелските операции во центарот на Газа, исто така, вклучија убиство на околу 10 милитанти во текот на изминатиот ден, соопшти војската.

Вршителот на должноста хуманитарен координатор на ОН за Палестина Џејми МекГолдрик, во средата изјави дека раселените Палестинци кои се засолнуваат во близина на Рафа, долж границата на Газа со Египет, почнале да ја напуштаат областа бидејќи се плашат од предупредувањата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за воен упад до Рамазан.

Израел соопшти дека ќе ги премести Палестинците на безбедно пред нападот на Рафа, но не кажа каде ќе бидат испратени.

Не можејќи безбедно да ги постави резервите на помош во Газа, МекГолдрик рече дека ниту хуманитарните работници ниту Палестинците кои бараат безбедност немаат „лесни опции“.

Тој, исто така, рече дека претставниците на ОН добиле „зелено светло“ од Израел да почнат да користат пат кој претходно бил резервиран исклучиво за употреба од страна на израелските сили.

Обединетите нации планираа да направат извидување на патот денес за да видат дали е без експлозиви и да најдат соодветни места за складирање и дистрибуција, рече тој.

Израел вети дека ќе стави крај на заканата од уште еден напад на Хамас како нападот на 7 октомври.

Во контраофанзивата на Израел оттогаш загинаа повеќе од 30.700 луѓе во Газа, од кои околу 70 отсто жени и деца, според Министерството за здравство на Газа.

Уште 72.100 Палестинци се ранети.

Маргарет Бешир придонесе за овој извештај. Некои информации се од АП, Франс-прес и Ројтерс

XS
SM
MD
LG