Дали новонастанатата ситуација со вадењето на личните документи, лични карти, пасоши и возачки дозволи, кој создаде гужви пред шалтерите на МВР, отвара простор граѓаните да ја тужат државата. Струшкиот адвокат Глигорие Ќатоски вели да. Тој до Уставниот суд поднесе иницијатива, односно барање за заштита на слободата и правата на граѓаните. Поради хаосот кој настана со издавањето на документите на македонските граѓани вели им се ускратува уставно загарантираното право за слободно движење низ државата и надвор од неа.
„Ова претставува една од можностите сите оние граѓани кои се чувствуваат загрозени во своето право на движење во државата и надвор од неа, поради тоа што по влегувањето на сила на Преспанскиот договор им биле издадени документи со старото име да добијат соодветен надомест за штета. Ова ќе биде основа за потоа да може да се поднесе и соодветна постапка за надомест на штета пред судовите во државата“, вели Ќатоски.
Ќатоски при поднесувањето на иницијативата тргнува од проблемите со кој тој лично се соочил.
„Јас лично како граѓанин сум поднел барање за издавање на пасош една година по влегување во правна сила на Преспанскиот договор, повеќе од две години од влегување на сила сум побарал издавање на лична карта што ми биле согласно закон издадени, но издадени се со старото име. МВР знаело, а и да не знаело требало да знае дека согласно обврските преземени од Преспанскиот договор, ваквите документи почнувајќи од 12 февруари 2019 година, требало да ги издава со новото име на државата“.
Дополнителна причина да преземе ваков чекор вели е и проблемот кој настана со возачките дозволи и сообраќајни книшки.
„Самата држава односно министерството не доведе до ситуација значително да ни биде ограничена слободата на движење во и надвор од државата, со што сметам дека значително е загрозено и уставно загарантираното право за слободно движење. И со тоа државата не поставила во дискриминирачка положба во однос на граѓаните кои извадиле документи од втората половина на 2021 година кога МВР за прв пат почнува да ги издава овие документи со новото име“, вели Ќатоски.
За добивање на нов пасош граѓаните чекаат и по еден месец. Иако се фотографираат редовно, обрасци за нови пасоши сè уште нема доволно. Вчера Владата донесе одлука со којашто се овозможува бесплатна замена на важечките возачки и сообраќајни дозволи за граѓаните на Република Северна Македонија.
Комисијата за спречување и заштита од дискриминација пак смета дека со ова се прави нееднаков третман кон граѓаните кои промениле важечки документи со новото име на државата и за истите платиле.
Владата го задолжи Министерството за надворешни работи, да преземе активности со кои што ќе се овозможи издавање без надомест на патните листови за сите државјани кои живеат надвор од Република Северна Македонија и имаат потреба да се вратат за да извадат патни исправи.