Линкови за пристапност

Патните листови за македонските државјани бесплатни, но ги има ли во доволен број?


Од МНР втор ден без одговор со колку патни листови располагаат конзулатите и амбасадите и колку се издадени на македонски државјани. Ставот на МНР е дека има доволно и дека ниту еден македонски државјанин не останал заглавен ниту пак им побарал помош. Патните листови отсега ќе бидат бесплатни

СКОПЈЕ – Македонските државјани кои поседуваат патна исправа со старото уставно име „Република Македонија“ од завчера не може да ги користат и не може да ја напуштат земјата во која престојуваат за да се вратат во државата. Единствен начин е да добијат патен лист од конзулатот или амбасадата во земјата во која престојуваат а со кој ќе може да патуваат.

Гласот на Америка на македонски јазик побара од МНР официјална информација со колкав број на патни налози располагаат државните конзуларни претставништва (ДКП) вкупно и секое од нив одделно како и колку патни налози се издадени од ДКП во последни четири дена и дали некој македонски државјанин кој поседува невалидна патна исправа побарал помош, но одговор од МНР не добивме.

Оттаму соопштение без детали ја информираа јавноста дека има доволно без да прецизираат бројка и дека досега ниту еден македонски државјанин не побарал помош за да може да се врати во државата.

„Информираме дека до овој момент ниту еден наш државјанин не пријавил во Министерството, ниту во дипломатско-конзуларните претставништва проблеми при патување со патни листови, ниту со друг вид на документи со Република Северна Македонија. Во врска со Патните листови, со кои нашите државјани може непречено да се вратат во земјата, потврдуваме дека дипломатско- конзуларни претставништва редовно се снабдуваат со нови количини на соодветни обрасци и нема застој во нивното издавање“, стои во официјалната информација на министерството.

Затоа пак патните листови кои чинеа 30 евра, отсега ќе бидат бесплатни за македонските државјани во странство.

„Воедно информираме дека на предлог на Министерството за надворешни работи, Владата на денешна седница донесе одлука со која нашите дипломатско-конзуларни претставништва ќе започнат со издавање на патни листови без наплата на конзуларна такса. Исто така, се олеснува и доставата на патниот лист и истата ќе може да биде извршена преку брза пошта“, соопштија од МНР.

Шефот на дипломатијата, Бујар Османи најави дека се испраќаат дополнителни тимови во ДКП каде има наплив на апликации за нови патни исправи а како критични ги посочи Германија, Швајцарија и Италија.

XS
SM
MD
LG