Линкови за пристапност

Граѓаните откажуваат туристички патувања поради немањето пасоши


Се ближат екскурзии, летувања и ако со овој континуитет и со оваа процедура се одвива обновувањето на документите тоа ќе создаде голем проблем, вели Јаким Маленко од туристичка агенција од Охрид.

Илјадници граѓани после 12-ти февруари нема да може да патуваат надвор од државата, бидејќи немаат извршено промена на личните документи, односно пасоши и лични карти со новото уставно име, Република Северна Македонија.

Од туристичките агенции велат дека ваквата ситуација веќе почнува да им создава проблеми ним и на нивните клиенти. Тоа е причина граѓани да ги откажуваат веќе резервираните аранжмани.

Пасоши немаат, граѓани откажуваат патувања, екскурзии, аранжмани
please wait

No media source currently available

0:00 0:04:01 0:00

„Покрај аранжманските патувања, ние доста работиме и со корпоративни и бизнис патувања, со патувања на бизнисмени, патувања на ученици преку програмата ‘Еразмус’. И тука веќе се соочуваме со проблеми, бидејќи луѓето кои веќе се сликале за пасош, им доцнат пасошите за патување. Авиoнски карти се купени, хотелско сместување е платено и веќе имавме неколку ситуации каде луѓето не можат да заминат бидејќи не им стигнаа навреме документите“, вели Јаким Маленко од туристичката агенција „Вис Пој“ од Охрид.

Ќе делува врз патувањето и остварените приходи наши, бидејќи не верувам дека сите граѓани навреме ќе можат да ги извадат патните документи
Загорка Ѓеоргиевска

Наместо во патување, дел од граѓаните ќе треба тие средства да ги вложат во нови пасоши, иако голем е бројот на оние, на кои старите пасоши им се со важност уште неколку години.

„Прво од финансиски гледна точка ќе делува врз патувањето, ќе се намали во одреден процент бројот на патници кои ќе ги користат нашите услуги, а второ и од ограничениот рок 12 февруари, е еден притисок врз граѓаните, бидејќи е краток рокот. Големи се гужвите во чекањето. Ќе делува врз патувањето и остварените приходи наши, бидејќи не верувам дека сите граѓани навреме ќе можат да ги извадат патните документи“, вели Загорка Ѓеоргиевска од туристичката агенција „Елида турс“.

Во најава им е туристичко патување за Нови Сад, што како агенција го организираат. Но стравуваат дека малкумина од заинтересираните ќе можат да заминат.

„Има патници кои што сакаат да патуваат, но во моментот немаат ниту валидни лични карти, ниту пасоши. Дали до 8 ми март ќе успеат да ги извадат е прашање. А имаме такви граѓани. Дел од собите можеби ќе се откажат“, вели Ѓеоргиевска.

Доаѓаат велигденските и првомајските празници, како и летната сезона, кога граѓаните вообичаено ги интензивираат своите патувања.

„Доста луѓе од тоа што немаат пасоши се откажаа од патување. Послаб е интересот и за патување. Се ближат школските екскурзии, летувањата, и ако со овој континуитет и со оваа процедура се одвива обновувањето на документите тоа ќе создаде голем проблем“, додава Маленко.

Се надеваат дека до почетокот на летото проблемот во добар дел ќе се реши, и дека аранжманите ќе се реализираат, но признаваат оти најверојатно со помал број на патници. Од МВР велат дека до моментов лични карти со новото уставно име се издадени 1.083 048, патни исправи 1.255.782 и 562.288 возачки дозволи.

Додаваат дека МВР со зајакнување на кадровските капацитети презема мерки граѓаните што е можно побрзо да ги добијат своите документи. Граѓаните со часови чекаат пред пунктовите за поднесување барања. За разлика од личните карти, кои стигнуваат и за две недели, за нови пасоши се чека и по еден месец.

XS
SM
MD
LG