Седумдесет и осум земји кои присуствуваа на дводневниот меѓународен самит за постигнување мир во Украина потпишаа документ во кој се вели дека територијалниот интегритет на Украина треба да биде основа за мировниот договор со Русија и дека Киев треба да влезе во дијалог со Москва за завршување на војната.
Околу 100 делегации, главно западни земји, присуствуваа на конференцијата во одморалиштето Бургенсток во Швајцарија, која беше наведена како прв чекор кон мирот.
Индија, Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати беа меѓу делегациите кои не го потпишаа финалниот документ, во кој се наведени прашањата за нуклеарната безбедност, безбедноста на храната и размената на затвореници.
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен предупреди дека иако самитот го приближи мирот до Украина, вистински мир нема да се постигне во еден чекор.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека постојат два начини да се принуди Русија на мир. Првата опција е дипломатска, втората е со силна одбрана и моќна армија.
Зеленски не кажа дали е подготвен директно да се ангажира со рускиот претседател Владимир Путин во разговорите за ставање крај на конфликтот, иако во минатото ја отфрли можноста за директни разговори со него.
Русија не беше поканета да присуствува на самитот, додека Кина, клучниот сојузник на Русија, не присуствуваше.