СКОПЈЕ – По десет круга гласање конечно се појави бел чад од Уставниот суд и заврши кризата. По десет круга гласање уставните судии го избраа Дарко Костадиновски за нов претседател на Уставниот суд и наследник на Добрила Кацарска чиј мандат истече во неделата. Тој доаѓа од редовите на уставните судии и ќе има мандат од три години.
Иако официјална најава за седница денес немаше, по координација утрово, уставните судии се договориле да продолжат со гласањето. На првото гласање, деветто по ред, се пријавил само уставниот судија Осман Кадриу, но тој добил пет гласа а за избор е потребно двотретинско мнозинство односно гласовите на шест од деветте уставни судии. Во десеттиот обид Костадиновски а добил довербата од колегите во Уставен суд, но оттаму нема информација колку гласа тој добил.
Претходно, во петокот и во понеделникот, уставниот судии гласаа вкупно осум пати и за сите заедничко беше кандидатот Татјана Васиќ - Бозаџиева која на секое гласање добиваше по пет гласа. Противкандидат беше судијката Ана Павловска – Данева која по шест обиди за избор се откажа од кандидатурата за да спречи криза во Уставен суд. Потоа против кандидат беше судијата Осман Кадриу кој исто така не ги доби потребните шест гласа.
Костадиновски е уставен судија веќе пет години. Во Уставниот суд дојде од „Вила Водно“ каде беше државен советник за надворешна политика во Кабинетот на тогашниот претседател Иванов. Тој беше избран од Собранието на 11 јануари 2018 година заедно со судијата Осман Кадриу а на предлог на тогашниот претседател Ѓорге Иванов.
Дарко Костадиновски е доктор на правни науки на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, од областа на меѓународното право. Дипломира на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ во Скопје 1997 година. Во 2008 година станува магистер на правни науки, а во 2012 година и доктор на правни науки.
Во „Вила Водно“ доаѓа уште во 2001 година кај тогашниот претседател Борис Трајковски. Член на Кабинетот на претседателот на државата е до 2018 година. Во мандатот на претседателот Бранко Црвенковски раководи со одделението за Европската Унија и НАТО во Кабинетот на претседателот. До 2010 година работи како асистент на советникот за надворешна политика и раководител на одделението за ЕУ и НАТО, а од 2010 до 2018 година е државен советник за надворешна политика. Од 2015 до јануари 2018 година ја извршува должноста пратеник на Република Македонија во Алијансата на цивилизациите на Обединетите нации.