Излезноста на избирачките места половина час пред да заврши изборниот процес на претседателските избори во Македонија била 48,47 отсто, според податоците достапни на веб-страницата на Државната изборна комисија.
Според податоците, на претседателските избори гласале 801.645 лица со право на глас, од обработени информации од 3.184 избирачки места.
Според податоците на ДИК, најголема излезност е забележана во Новаци со 71,07%, а најмала во Шуто Оризари со 22,06%.
Избирачките места се затворија во 19 часот, а веќе е започнато пребројувањето на гласовите. Александар Даштевски, претседател на ДИК, најави дека Комисијата околу полноќ ќе ги објави првичните неофицијални резултати од првиот круг на претседателските избори.
Се надеваме дека пред полноќ ќе ги имаме резултатите во над 50 процентиАлександар Даштевски, ДИК
„Со оглед дека податоците ги добиваме од општински изборни комисии, се надеваме дека пред полноќ ќе ги имаме резултатите во над 50 проценти и ќе може да ги објавиме“, рече Даштевски, кој оцени дека гласањето се одвивало мирно.
Според Министерството за внатрешни работи, изборниот процес во Македонија поминал без пречки и поголеми инциденти. Евидентирани биле вкупно 12 случаи на фотографирање на гласачкото ливче, два случаи на кинење на гласачкото ливче, шест пријави за нудење поткуп и 15 пријави за агитирање на гласачко мести.
„Не се евидентирани други посериозни инциденти и нарушување на регуларноста на изборниот процес“, информираа техничкиот министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и дополнителниот заменик-министер Митко Бојмацалиев.
„Овие избори беа уште еден тест за демократијата и во таа насока, сакам да им честитам на граѓаните кои излегоа и ја исполнија својата граѓанска должност и со тоа уште еднаш го истакнаа демократскиот капацитет на државата и значењето на нивната активна улога во градењето на инклузивно општество“, порача Тошковски.
До ДИК до 17 часот доставени биле 308 приговори за заштита на лично избирачко правоДИК
До ДИК до 17 часот доставени биле 308 приговори за заштита на лично избирачко право, од кои 75 се усвоени и на избирачите им е овозможено да го остварат правото на глас, 25 се отфрлени како неуредни, 38 се одбиени, а останатите се во обработка.
Денешните претседателските избори ги следеа вкупно 1601 набљудувач, од кои 915 домашни и 544 меѓународни набљудувачи, како и 58 странски новинари.
Граѓаните можеа да се изјаснат за еден од седумтемина кандидати: Стево Пендаровски од СДСМ, Гордана Силјановска Давкова, кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ, Стевчо Јакимовски од ГРОМ, Бујар Османи од ДУИ, Билјана Ванковска, кандидатка на „Левица“ Арбен Таравари, кандидат на колаицијата „Вреди“ и Максим Димитревски од движењето ЗНАМ.
Според македонскиот изборен систем, претседателот на Републиката се избира на општи и непосредни избори, со тајно гласање за мандат од пет години, со право на најмногу два мандати.
Изборот на претседател речиси секогаш се спроведува во два изборни круга. Во првиот круг победник е кандидатот кој ќе освои мнозинство (50 % + 1 гласач) од вкупниот број регистрирани гласачи во Избирачкиот список. Доколку ниту еден од кандидатите не го постигне бараното мнозинство, во рок од 14 дена се спроведува втор круг на гласање во кој влегуваат двајцата кандидати со најмногу гласови во првиот круг.
Во вториот круг ќе биде избран кандидатот кој освоил мнозинство од вкупниот број гласови, при што е потребно најмалку 40 % од регистрираните гласачи да го оствариле своето право на глас. Доколку ниту еден од кандидатите не ги исполни двата услови, целата изборна постапка се повторува.