Македонските државјани во САД денеска гласаaт за претседателските избори во Северна Македонија.
Запишани се 34 граѓани во посебниот извод на Избирачкиот список во македонската амбасада во Вашингтон, и од 07.00 до 19.00 часот го остваруваат своето граѓанско право за избор на нов претседател на државата.
Гласањето на Избирачкото место 5040 тече нормално.
На ова избирачко место пријавени се 34 гласачи, изјави Катерина Бојоска – Стојкоски, претседателка на ИО на Избирачко место бр. 5040 во Вашингтон.
Македонските државјани во САД и во дијаспората по трет пат гласаат на претседателските избори.
Вкупно 2.147 гласачи во 14 казнено-поправни установи денеска во Северна Македонија од утрово го остваруваат своето право на глас за претседателските избори. Гласањето за нив започна утрово во 7 часот и ќе трае се до затворање на гласачките кутии во 19.00 часот.
Со право на глас на овие избори во Северна Македонија во Избирачкиот список се запишани вкупно 1.814.317 гласачи.
Државната изборна комисија досега издаде акредитации за набљудување на 342 домашни, 517 странски и меѓународни набљудувачи, 51 преведувач и 32 странски новинари.
На сите граѓани на располагање им се и интернет страницата на ДИК - www.sec.mk како и страниците на социјалните мрежи Фејсбук, X, Инстаграм како и каналот на Јутјуб, каде што ќе можат да најдат правовремени и точни информации поврзани со изборите.
Кампањата за претседателските избори започна на 4 април, а изборите се на 24-ти април. Вториот круг од претседателските избори е на 8 мај, заедно со парламентарните.
Гласање за парламентарни избори во Северна Македонија нема да има во дијаспората бидејќи не е постигнат цензус од најмалку 5.355 пријавени граѓани со право на глас. За претседател на државата се гласа.
За тоа се пријавиле околу 3.000 иселеници, а по проверката, прифатени се околу 2.600 апликации. Најголемиот дел се во Германија, Словенија, САД, Швајцарија, Канада, Австрија, Италија и Австралија.
Седум кандидати во седмите по ред претседателски избори утре во Северна Македонија и официјално излегуваат во трката на првиот круг за избор на шеф на државата.