Линкови за пристапност

Катар е претпазлив оптимист оти Израел и Хамас можат да постигнат нов прекин на огнот во Газа


Се размислува за шестнеделно примирје
Се размислува за шестнеделно примирје

Катарските власти се „претпазливи оптимисти“ дека Израел и Хамас можат да постигнат нов прекин на огнот во војната во Газа и ослободување на повеќе заложници кои ги држат милитантите, изјави денес портпаролот на катарското Министерство за надворешни работи Мајед ал-Ансари.

Тој ја понуди поволната оценка по разговорите во Доха во кои беше вклучен и шефот на израелското разузнавање. Но, Ансари рече дека е „прерано да се објават какви било успеси“.

Се размислува за шестнеделно примирје.

Прекинот во конфликтот може да доведе до ослободување на околу 40 од преостанатите 100 заложници држени од Хамас во замена за десетици Палестинци затворени од Израел.

Исто така, Израел може да дозволи повеќе храна и хуманитарна помош во Газа.

Еден функционер на Хамас рече дека предложениот договор бара израелските сили да се повлечат од „сите градови и населени области“.

Но, деталите допрва треба да се решат, а преговорите би можеле да траат неколку дена или неколку недели, велат официјалните лица.

Во меѓувреме, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во последните денови вети дека ќе продолжи со планираниот напад на Рафа, град во близина на границата Газа-Египет, за да се искоренат повеќе милитанти на Хамас.

Во исто време, израелскиот лидер се согласи, на барање на американскиот претседател Џо Бајден, да испрати делегација во Вашингтон на почетокот на следната недела за да разговара за тоа како Израел би можел да ги постигне своите воени цели без инвазија на Рафа, истовремено обезбедувајќи ја безбедноста на повеќе од милиони Палестинци кои се засолнуваат во регионот.

Војната започна на 7 октомври со нападот на Хамас во кој загинаа 1.200 луѓе во Израел и беа заробени околу 250 заложници.

Во израелската контраофанзива во Газа загинаа речиси 32.000 Палестинци, од кои две третини жени и деца, соопштија здравствените власти во Газа.

Израелската војска соопшти дека убила илјадници борци на Хамас.

САД продолжуваат со напорите да ги туркаат Израел и Хамас кон прекин на огнот. Државниот секретар Ентони Блинкен треба да ги посети Саудиска Арабија и Египет оваа недела на разговори фокусирани на прекин на борбите, ослободување на заложниците кои ги држат палестинските милитанти и планирање за повоена Газа.

Говорејќи денес за време на посетата на Филипините, Блинкен им рече на новинарите дека мора да се воспостават аранжмани за управување, безбедност, хуманитарна помош и обнова на Газа.

Советникот за национална безбедност на Белата куќа Џејк Саливан, рече дека Бајден му рекол на израелскиот лидер во телефонски разговор:

„Ние ја споделуваме целта да го победиме Хамас. Ние само веруваме дека ви треба кохерентна и одржлива стратегија за да се случи тоа“.

Дел од информациите се од Ројтерс, Асошиетед прес и агенцијата Франс-прес

XS
SM
MD
LG