Линкови за пристапност

Израел може да понуди шестнеделно примирје во Газа во замена за 40 заложници


Израел во понеделник ќе испрати делегација на високо ниво предводена од својот шеф на Мосад во Катар за да посредува во разговорите со Хамас со цел да се обезбеди шестнеделно примирје во Газа со кое палестинските милитанти ќе ослободат 40 заложници, изјави израелски официјален претставник.

Оваа фаза од преговорите може да потрае најмалку две недели, процени официјалниот претставник, наведувајќи ги тешкотиите што може да ги имаат делегатите на Хамас во комуникацијата со групата во опколената енклава по повеќе од пет месеци војна.

Израелската армија во понеделникот објави дека спроведува операција во болницата Шифа во градот Газа.

Портпаролот на израелските одбранбени сили, Даниел Хагари, во изјавата рече дека израелските сили дејствувале во понеделникот бидејќи високи претставници на Хамас ја користеле болницата за командување со нападите врз Израел.

„Ќе ја спроведеме оваа операција со претпазливост и грижа, истовремено обезбедувајќи болницата да продолжи со својата важна функција“, рече Хагари.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во неделата го отфрли меѓународниот притисок, велејќи дека Израел ќе продолжи со нападот врз милитантите на Хамас во Рафа, во близина на границата Газа-Египет, иако преговорите за прекин на огнот треба да продолжат во Катар во наредните денови.

„Ниту еден меѓународен притисок нема да не спречи да ги постигнеме сите цели на војната“, рече Нетанјаху.

„За да го направиме ова, ќе оперираме и во Рафа“, додаде израелскиот премиер, иако не даде никакви индикации за неизбежен напад.

Некои материјали во овој извештај дојдоа од Ројтерс, Асошиетед прес и агенцијата Франс прес.

XS
SM
MD
LG