Линкови за пристапност

Русија негира инволвираност во хакирањето за време на изборите


Министерството за внатрешни работи доставило известување до јавното обвинителство за тоа што досега успеало да дознае за хакерскиот напад врз интернет-страницата на Државната изборна комисија токму на денот на изборите. Во тоа известување се содржани сите наоди до кои експертите за сајбер-криминал во МВР дошле во изминатата недела. Извесно дека во натамошниот процес ќе се вклучи и помош однадвор за да се утврдат ИП адресите од каде дошол нападот што оневозможи навремено објавување на првичните изборни резултати. Дали е утврдено кој се стои зад нападот, дали е поширока организација или поединци - не се соопштува.

Официјална Москва, иако никој официјално не ја спомена во контекст на изборите, отфрла какво било „руско присуство“ во изборниот процес во земјава. Прашањето на руски државен медиум за тоа како го коментира предизборното „агитирање“ во Северна Македонија, портпаролката на руското МНР го искористи за да прати остра критика за „западно мешање“ во изборниот процес со праќање видео-пораки на политичари кои даваат поддршка на една партија во земјава.

Марија Захарова, портпаролка на МНР на Русија, рече: „Наспроти тежината на фактот за отворено надворешно мешање во внатрешните работи на една суверена држава, апсолутно се без основ шпекулациите за некакво си руско присуство во кои било избори. Гледаме цинична употреба на двојни стандарди – рутинска сомничавост и прекорување за Русија, додека директниот притисок од Западот врз граѓаните на Северна Македонија се претставува како нешто легитимно.“

На изборите на 15 јули сајтот на ДИК беше нефункционален со часови што го оддолжи објавувањето на првичните резултатите што пак некои партии го искористија за да изразат сомнеж во кредибилноста на процесот. Досега е утврдено дека станува збор за масивен напад т.н Д-ДОС врз ДИК.

XS
SM
MD
LG