Претседателот на Собранието денеска ги распиша двојните избори кои за нешто повеќе од два месеца ќе се одржат во земјава – на 24 април ќе се одржи првиот круг од претседателските избори, додека вториот круг и парламентарните ќе бидат на ист ден – 8 мај. Спикерот очекува Македонија да покаже демократска зрелост и да организира и спроведе фер и слободни избори.
Северна Македонија, со последните изборни циклуси, покажа дека може да организира демократски избори во согласност со европските стандарди.Митрески, претседател на Собранието
„Верувам дека во предизборниот период сите надлежни институции, но и сите инволвирани субјекти ќе придонесат да имаме фер и демократски процес на ниво што го заслужува една демократска држава, членка на НАТО, земја која е на пат кон членство во ЕУ. Северна Македонија, со последните изборни циклуси, покажа дека може да организира демократски избори во согласност со европските стандарди.“, изјави Јован Митрески, претседател на Собранието.
Решенијата за распишување на изборите, потпишани денеска, одат во Државната изборна комисија во чија надлежност е утврдување на роковите за изборните процеси. Изборната кампања почнува 20 дена пред одржувањето на изборите, што значи дека кампањата за претседател би стартувала по 4 април и таа, во неколку дена, ќе се совпадне со кампањата за парламентарните избори.
Пред спикерот да ги распише изборите, дел од политичките лидери кажаа на каков резултат се надеваат.
„Очекувам историска победа на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ со повеќе од 61 пратеник и идниот претседател да биде кандидатот што ќе го поддржи ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата.“, оцени Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ.
Претстојните претседателски избори се седми на кои, од независноста, граѓаните гласаат за шеф на државата, позиција која досега ја извршуваа Киро Глигоров, Борис Трајковски, Бранко Црвенковски, Ѓорѓе Иванов и Стево Пендаровски.
Засега, само професорката Билјана Ванковска ја официјализираше намерата да „трча“ за врвната позиција во земјава како кандидат на Левица. Како најсериозен кандидат на ВМРО-ДПМНЕ се смета Гордана Силјановска - Давкова. Актуелниот претседател Пендаровски се уште официјално не потврдил дека ќе бара втор мандат.
Идните парламентарни избори, пак, ќе бидат 11 по ред и први што ќе се одржат во редовен термин по 2006-та.