Илир Демири и Наим Бајрами се нови министри за здравство и за информатичко општество и администрација. Вечерва Собранието, без присуство на опозицијата, со 63 гласа „за“ ги избра и со тоа се пополнија испразнетите министерски позиции откако викендов беа разрешени Фатмир Меџити и Азир Алиу.
Демири и Бајрами се предлог на Алијанса за Албанците, но тие за разлика од разрешениот двоец Меџити-Алиу не се дел од крилото на лидерот на партијата Арбен Таравари кое реши да се приклучи на опозицискиот блок на партиите на Албанците во земјава. Вечерашното гласање покажа дека техничката влада на премиерот Џафери се уште е поддржана, иако од не многу силно, мнозинство во Собранието.
„Констатирам дека Собранието ги избра Илир Демири и Наим Бајрами за министри за здравство и за информатичко општество и администрација. Ве молам да станеме за свечената изјава.“, изјави Јован Митрески, претседател на Собранието.