Линкови за пристапност

Реакции: Северна Македонија гласаше за резолуција во ОН за итен прекин на огнот во Газа


153 земји ја подржаа истата, меѓу кои државите од регионот, како што се Албанија, Србија, Хрватска, Црна Гора.
153 земји ја подржаа истата, меѓу кои државите од регионот, како што се Албанија, Србија, Хрватска, Црна Гора.

Северна Македонија гласаше ЗА во Генералното собрание на Обединетите нации за Резолуцијата со која се бара итен прекин на огнот во Газа за хуманитарни цели, напиша на својот ФБ профил, министерот за надворешни работи, Бујар Османи.

Граѓански активисти ја поздравуваат одлуката на Северна Македонија да гласа ЗА резолуцијата.

153 земји ја подржаа истата, меѓу кои државите од регионот, како што се Албанија, Србија, Хрватска, Црна Гора.

Овие резолуции немаат обврзувачко дејствие но во дипломатските кругови имаат тежина
Смајловиќ, активистка

„Македонија конечно гласаше како што треба, ЗА резолуцијата. Овие резолуции немаат обврзувачко дејствие но во дипломатските кругови имаат тежина. За нас како држава ова е битно гласање, а и за активистите кои протестираа, коментираа, пишуваа маилови до нашата амбасада во Њујорк. Да продолжиме да бидеме доволно гласни се додека нема мир во Палестина“, вели Мерсиха Смајловиќ, граѓански активист.

Иако клучна улога во нашиот став за гласањето имаа гласовите на земјите - членки на ЕУ, сепак, им честитам на храброста на државниот врв за ваквата одлука.
Реџепи, Легис

„Иако клучна улога во нашиот став за гласањето имаа гласовите на земјите - членки на ЕУ, сепак, им честитам на храброста на државниот врв за ваквата одлука, а воедно ги потсетувам дека граѓанскиот сектор, освен гласање за мир во ОН, бараше и директни изјави каде што се повикува на мир и испраќање хуманитарна помош за Газа во име на Владата и граѓаните, како и пост-воена рехабилитација на ранети деца од Газа, по примерот на Словенија“, вели Јасмин Реџепи од невладината организација Легис.

Реџепи на ова гласање гледа како на историско значење за Северна Македонија.

„Иако ова гласање и обединување на светот за мир во Газа нема обврзувачко дејствие за Израел и нема да го спречи понатамошното бомбардирање во Газа, сепак, има симболично историско значење за нашата држава. Тоа значи дека сме конечно на вистинската страна на историјата, на страната која инсистира на мир, на право, на правда и на спасување невини човечки животи. Тоа што сме членка на НАТО треба додатно да нè мотивира секогаш да им дадеме шанса на преговорите и на мирот, отколку на војната, бидејќи НАТО е одбранбен, а не агресорски сојуз“, додава Реџепи.

Поранешниот амбасадор, Ѓорѓи Филипов вели дека е потребно мирољубиво решение на овој децениски проблем.

„Македонија постапи правилно. Меѓународната заедница треба да најде трајно решение за ова децениско прашање во согласност со меѓународното право и конвенциите почитувајќи го правото на двете нации да имаат свои држави. Прв услов за мирно решение е прекинување на воените дејствија и отпочнување на дијалог со активна поддршка на Обединетите нации и Советот за безбедност“, вели Филипов.

Секој прекин на огнот и секој напор и иницијатива е за поздравување, вели Рубин Земон, универзитетски професор.

Воспоставување на мирот е предуслов за доаѓање до трајно решение.
Земон, професор

„Воспоставување на мирот е предуслов за доаѓање до трајно решение. Меѓутоа и сите што се огрешија во киднапирање, убивање, употреба на прекумерна сила и непочитување на основните човекови права, треба да одговараат. За мене трајно решение е почитување на различноста, градење на мулти-културалистички и интер-културалистични политики“, вели Земон.

За последната Резолуција, со која се бара хуманитарен прекин на огнот, заштита на цивилите, итно и безусловно ослободување на сите заложници, како и хуманитарен пристап, 23 држави беа воздржани, а 10 беа против, помеѓу кои САД, Израел, Чешка, Австрија.

Северна Македонија во меѓувреме го смени својот став, откако во октомври, беше воздржана за Резолуцијата.

XS
SM
MD
LG