Линкови за пристапност

Газа е најопасното место на светот да се биде дете, вели УНИЦЕФ


Во Газа, ефектите од насилството извршено врз децата се катастрофални, недискриминирачки и непропорционални, вели Извршната директорка на УНИЦЕФ Кетрин Расел
Во Газа, ефектите од насилството извршено врз децата се катастрофални, недискриминирачки и непропорционални, вели Извршната директорка на УНИЦЕФ Кетрин Расел

Појасот Газа е најопасното место на светот за да се биде дете, изјави во средата шефот на детската агенција на Обединетите нации УНИЦЕФ.

Извршната директорка на УНИЦЕФ Кетрин Расел, изјави пред Советот за безбедност на ОН дека, наводно, биле убиени повеќе од 5.300 палестински деца од 7 октомври, кога палестинските милитанти на Хамас го нападнаа Израел, убивајќи 1.200 луѓе и зедоа заложници, повеќето од нив цивили.

Израел ја фокусираше својата одмазда против Хамас во Газа, територија од 2,3 милиони луѓе.

„Вистинската цена на оваа последна војна во Палестина и Израел ќе се мери со животите на децата - оние кои се изгубени од насилството и оние кои засекогаш се сменети од него. Без прекин на борбите и целосен хуманитарен пристап, цената ќе продолжи да расте експоненцијално“, рече Расел, која минатата недела ја посети Газа.

Израел ја бомбардира Газа од воздух, воведе опсада и изврши инвазија со војници и тенкови.

„Појасот Газа е најопасното место на светот за да се биде дете“, рече Расел.

„Во Газа, ефектите од насилството извршено врз децата се катастрофални, недискриминирачки и непропорционални“.

Израел денес се согласи на четиридневен прекин на огнот со Хамас за да дозволи хуманитарна помош и да ослободи најмалку 50 заложници кои ги држат милитантите во замена за најмалку 150 Палестинци затворени во Израел.

„Жените во Газа ни кажаа дека се молат за мир, но дека ако не дојде мирот, тие се молат за брза смрт, во сон, со своите деца во раце. Треба да се засрамиме сите што која било мајка, каде било, има таква молитва“, рече извршната директорка на ООН за жени Сима Бахус.

Амбасадорот на Израел во ОН Гилад Ердан го обвини Хамас за експлоатација на деца во Газа со години и ги повтори долгогодишните критики дека Обединетите нации не се објективни кон Израел.

„Не правете грешка штом ќе заврши паузата, ќе продолжиме да се стремиме кон нашите цели со полна сила“, рече тој.

„Нема да застанеме додека не ги елиминираме сите терористички способности на Хамас и не се осигураме дека тие повеќе не можат да владеат со Газа и да им се закануваат и на израелските цивили и на жените и децата од Газа“.

Хамас негира дека дејствувал од места како што се болниците во Газа и негира дека користи цивили како жив штит.

Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш, го поздрави договорот за прекин на огнот како „важен чекор во вистинската насока, но треба да се направи многу повеќе за да се стави крај на страдањата“.

XS
SM
MD
LG