Линкови за пристапност

Kонфликтот меѓу Израел и Хамас не е војна, туку тероризам, вели папата


Папата рече дека директно слушнал како „двете страни страдаат“ во конфликтот
Папата рече дека директно слушнал како „двете страни страдаат“ во конфликтот

Папата Фрањо денес одвоено се сретна со израелските роднини на заложниците кои ги држат Хамас и Палестинци со семејства во Газа, и рече дека конфликтот отишол подалеку од војна и оти станал „тероризам“.

Папата рече дека директно слушнал како „двете страни страдаат“ во конфликтот.

„Тоа е она што го прават војните. Но, овде отидовме подалеку од војните. Ова не е војна. Ова е тероризам“, рече тој.

Тој побара молитви за двете страни „да не одат напред со страстите, кои на крајот ги убиваат сите“.

Амбасадорот на Израел во Ватикан Рафаел Шуц рече дека не сака директно да се повика на она што го кажал папата, но додаде:

„Постои едноставна разлика, едната страна убива, силува и не се грижи за оние на своја страна. Другата страна е вклучена во војна за самоодбрана“.

Шуц зборуваше на прес-конференција со израелските семејства кои се сретнаа со папата.

Повеќето рекоа дека не биле свесни за коментарите на папата бидејќи тие се случиле по средбата.

Палестинските семејства треба да одржат прес-конференција подоцна во средата.

Состаноците и коментарите на папата дојдоа неколку часа откако Израел и Хамас се договорија за прекин на огнот во Газа за најмалку четири дена, за да се овозможи помош и да се ослободат најмалку 50 заложници заробени од милитантите во замена за најмалку 150 Палестинци затворени во Израел.

Израел ја стави Газа под опсада и немилосрдно бомбардирање откако милитантите на Хамас ги нападнаа јужните израелски градови на 7 октомври, убивајќи 1.200 луѓе, главно цивили, а земајќи околу 240 заложници, според израелските податоци.

Оттогаш, повеќе од 14.000 жители на Газа се убиени, од кои околу 40% се деца, според здравствените службеници на територијата под контрола на Хамас, бројки кои Обединетите нации ги сметаат за веродостојни.

XS
SM
MD
LG