НАТО гледа причини за загриженост за безбедносната ситуација на Западен Балкан. Тоа е проценката на врвот на Алијансата која беше изнесена на денешниот неформален состанок на Сојузниците од регионот што се одржа во Скопје.
Двете главни невралгични точки на Балканот кои ги наведе Јенс Столтенберг се Босна и Херцеговина и северот на Косово.
Дополнително, авторитарни држави како Русија се обидуваат да ги поткопаат нашите демократии преку сајбер и хибридни напади.Столтенберг, НАТО
„Овој регион е стратешки важен за НАТО, но има причини за загриженост – гледаме сецесионистички тенденции во Босна и Херцеговина, кршлива безбедносна ситуација во Косово и запрена нормализација на односите меѓу Белград и Приштина. Дополнително, авторитарни држави како Русија се обидуваат да ги поткопаат нашите демократии преку сајбер и хибридни напади. Тукушто ја завршив посетата на регионот и секаде кажав дека безбедноста и стабилноста на Западен Балкан зависи од сите страни, претпочитајќи дијалог и дипломатија наспроти конфликт и хаос.“, изјави Столтенберг.
Тоа што НАТО гледа безбедносен ризик во Босна и Херецговина, поради одредени сецисионистички повици, и на Косово, поради тензиите на северот, според Генералниот секретар, не значи и непосредна воена закана за регионот, пред се од Русија. И македонскиот премиер уверува дека состојбата е стабилна и дека нема опасност за Македонија која е сосед и на Косово и на Србија, изјави Јенс Столтенберг, генерален секретар на НАТО.
Безбедносната ситуацијата е стабилна и не постојат индиции за нејзино нарушување.Ковачевски, премиер на Северна Македонија
„Безбедносната ситуацијата е стабилна и не постојат индиции за нејзино нарушување. Сега, за првпат нешто ќе споделам – нивото на информации кои нашите служби ги имаат и ги споделуваат со партнерските НАТО институции и земјите-членки, а тука спаѓаат најразвиените држави во светот, - во однос на поединци, групи и организации кои сакаат да ја влошат безбедносната ситуација на некој членка од регионот е незамисливо за некоја друга држава која во детали не е вклучена во вакви прашања. Тоа се исклучително детални и навремени информации.“, изјави Димитар Ковачевски, премиер на Северна Македонија.
Во однос на неодамнешните инциденти во северно Косово, предлогот на албанскиот премиер е поголемо НАТО присуство и подобра контрола на границата.
Укажав на неопходноста да се зголеми бројот на НАТО војници на Косово и на неопходноста да се гарантира границата меѓу Србија и Косово.Рама, премиер на Албанија
„Таков настан не смее да се повтори и затоа, денеска, во текот на состанокот, укажав на неопходноста да се зголеми бројот на НАТО војници на Косово и на неопходноста да се гарантира границата меѓу Србија и Косово, која сега, фактички е вон контрола и се користи за илегални активности – шверц на оружје, наркотици...“, истакна Еди Рама, премиер на Албанија.
Еден од предлозите кои денеска биле ставени на маса како начин за смирување на ситуацијата во односите меѓу Белград и Приштина, а со тоа и намалување на тензиите на Балканот, е регионален форум во кој би учествувале и Србија и Косово.
„Би сакал да го потенцирам она што Еди Рама го предложи, мислам дека тоа е многу паметен и добредојден предлог – да размислиме за форум на кој би учествувале овие земји од југоисточна Европа, но и Белград, Приштина и Сараево, верувам дека тоа го заслужува вниманите на НАТО и на Генералниот секретар, тој ќе реши дали е тоа можно.“, наведе Зоран Миловановиќ, претседател на Хрватска.
„Потенцирав дека стабилен и безбеден Балкан е можен само со силна европска и јасна економска перспектива и реков дека оваа влада на Црна Гора ќе направи се за да се оствари таа цел. “, изјави Милојко Спајиќ, премиер на Црна Гора.
Столтенберг денеска јавно им се заблагодари на НАТО-членките од регионот за нивната поддршка за Украина во војната против Русија за која рече дека Москва не дава знаци дека сака да ја прекине. Извесно е дека ова прашање ќе биде едно од централните на Самитот кој догодина ќе се одржи во Вашингтон кога НАТО ќе ја одбележи 75-годишнината од своето постоење.