И фелата, и граѓанскиот сектор, и дел од институциите реагираат за начинот на кој Судскиот совет реши да го затвори процесот за избор на нов претседател, а со тоа и да се обиде да ја надмине ситуацијата настаната по проблематичната смена на претходната претседателка, Весна Дамева.
Вчерашниот, набрзина организиран избор на нејзиниот наследник, Сашко Георгиев, наиде на силни критики, особено кај организациите кои се специјализирани за следење на ситуацијата во судството.
„Со особена загриженост констатираме дека, не само што Советот продолжи да ги заснова своите одлуки на претходно незаконско постапување (неправото не може да стане право), туку истиот направи дополнителни пропусти во имплементацијата на Законот и стандардите за добро управување кои мора да бидат доследно применувани, особено што државата веќе ги почна пристапните преговори со ЕУ во кои Поглавјето 23 е клучен критериум, но и особено во случаите кога судството, а со тоа и Судскиот совет имаат исклучително лоша репутација во јавноста...“, пишува во соопштението на Коалицијата „Сите за правично судење“.
Здружението на судии, со помеки формулации, го повикува Судскиот совет да функционира во согласност со законите.
„... Очекуваме дека Советот ќе биде водилка/гарант на судската независност и самостојност, преку обезбедување на потребните услови за функционирање на судскиот систем и имплементирање на правните гаранции предвидени во националната и меѓународна регулатива, притоа манифестирајќи релевантен сопствен капацитет, интегритет и потполна самостојност и независност, одбивајќи ги сите евентуални влијанија и притисоци во неговото функционирање и одлучување, низ еден кохезивен пристап и почитување на законските процедури и практиките на доброто владеење како посебна и самостојна власт“ – порачуваат од Здружението на судии.
Можеби најостра е реакцијата на првата анти-корупционерка Билјана Ивановска, во јавен настап, изјави дека она што го очекувала, во најмала рака, е Собранието да реагира и барем да се формира надзорна комисија која би побарала отчет од Советот за последните случувања.
Таа, оди и подалеку во своите анализи – „Мислам дека се случува страшна трговија со влијание во Судскиот совет“, оцени Ивановска во медиумски настап.
По контроверзното разрешување на Дамева со само 7 гласа „за“, Судскиот совет имаше два неуспешни обида да избере нов претседател – успеа вчера попладне на седница одржана по работното време.
„4 против, 8 за. Констатирам дека Судскиот совет го избра Сашко Георгиев за претседател.“, изјави Селим Адеми, претседател на Судскиот совет.
Но, на изборот му претходеа две „тајни“ седници на која Советот прво ја повлече минатонеделната одлука за разрешување на Дамева, а потоа и изгласа недоверба и со 9 гласа „за“ ја разреши, по вторпат. Овој факт самиот кажува дека во претходната постапка на Советот, се не било како што треба. Од вчера, по кусиот мандат на Дамева, со ова клучно тело кое треба да „ја обезбеди и гарантира независноста на судската власт“, раководи нов претседател..
„Јас сум верник, јас верувам во Господ, верувам во сите вас, верувам дека ќе имаме правец на движење во позитивна насока...“, оцени Сашко Георгиев, претседател на Судскиот совет.
„Ќе треба многу повеќе од верба за подобрување на ситуацијата во судството“, се дел од коментарите на домашните правни експерти.