Линкови за пристапност

Судскиот совет без образложение го одложи изборот на претседател на ова тело


Новинарските екипи одвај стигнаа на половина пат до зградата каде се наоѓа Судскиот совет кога ја добија информацијата дека денешната седница на ова тело, за која се најавуваше избор на нов претседател, се одложува. Зошто? Првиот одговор што беше добиен е – без образложение. Дури неколку часа подоцна стигна официјалното соопштение:

„Судскиот совет на Република Северна Македонија известува дека 439-та итна седница која беше одложена за ден 02.05.2023 година (вторник) во 11:00 часот се одлага. За денот и часот на одржување на седницата дополнително ќе биде објавено соопштение“, стои во дописот потпишан од заменик-претседател на Советот, Селим Адеми.

Продолжува неизвесноста за избор на претседател на Судскиот совет
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:31 0:00

Но, освен што се констатира дека денешната седница е одложена, не се дава какво било објаснување зошто. Со тоа само дополнително се зголемија дилемите за законитоста на постапката за смена на претседателката Весна Дамева, потег кој минатата недела го иницираше токму нејзиниот заменик Адеми на седница со зовриена атмосфера...

„Кој е разрешување да крене рака. Службите да бројат“, рече заменик-претседателот на Судскиот совет, Селим Адеми.

„Одлуката не ја потпишувам. Таа е противзаконска....“, рече разрешената претседателка на Судскиот совет, Весна Дамева.

На тоа дека чекорот е преседан и во најмала рака проблематичен реагираа и правни експерти и здруженија..

„...Сметаме дека почитувањето на законот при секојдневното работење на една институција треба да биде императив во нејзиното работење, а особено кога станува збор за Судскиот совет кој ја обезбедува и ја гарантира самостојноста и независноста на судската власт согласно Уставот на РСМ, како и да води сметка за законитоста во постапувањето и за владеење на правото“, напишаа од Блупринт групата за реформи во правосудството.

Еден од најпроблематичните аспекти од целиот, како што стручната јавност го нарече, „судски театар за јавноста“ е фактот дека постапка за разрешување претседател на Судскиот совет не е предвидена ниту во Законот за Судски совет ниту во Деловникот за работа.

Оттука, прашање е дали Дамева воопшто е формално разрешенa и дека можеби поради тоа и се одолговлекува изборот на нејзин наследник за што се потребни осум гласа „за“ од 13 членови на Советот кои имаат право на глас. Начинот на смена на Дамева која пред само 4 месеци дојде на позицијата, изнуди реакции и од меѓународната заедница.

„Почитување на владеење на правото е фундаментално и суштествено прашање за евроинтегративниот пат на Вашата земја. Тоа вклучува развој на независно и професионално судство и јавно обвинителство кое ги опфаќа највисоките стандарди на нивниот интегритет. Последните недели и месеци видовме случувања кои не одат во правец кој ние во ЕУ ги очекуваме да одат во правец на исполнување на стандардите потребни на евроинтегративниот пат на Вашата земја“, изјави евроамбасадорот Дејвид Гир.

По прашања од медиумите, со став излезе и американската амбасада – „...Се надеваме дека ќе има независно и одговорно судство без разлика кои се неговите раководители. Ова е од суштинско значење за градење доверба во институциите на судството во Северна Македонија“.

Со денешното ново одлагање на седницата, се засилуваат шпекулациите дека случувањата во Судскиот совет се резултат и на напорите за заштита на одредени судии, меѓу кои и такви кои со месеци во фиока држат високопрофилирани предмети се до нивно застарување, нешто на што предупреди и американската амбасадорка Агелер во писмото упатено и до извршната и до судската власт.

XS
SM
MD
LG