Линкови за пристапност

Работните групи ќе работат на амандманите, ВМРО-ДПМНЕ најави дека нема да учествува


Власта, и покрај противењето на опозицијата, сериозно влегува во процесот на уставни измени.

Во фаза на финиширање е формирањето работна група која ќе треба да го формулира текстот на амандманите.

Според најавите од министерството за правда се очекува ова тело, во кое ќе учествуваат универзитетски професори, правни експерти и претставници на партиите, да биде формирано до крајот на следната недела.

Новиот министер за правда, Крена Лога, денеска за ова прашање разговарал и со в.д германскиот амбасадор Ото Граф.

„Министерот информираше дека преамбулата на Уставот е приоритет и дека се очекува во наредниот период да се формира експертска група која ќе ги подготви измените“, соопштуваат од правда.

Она што недостасува во сложената политичка равенка неопходна за успех на процесот е поддршката од опозицијата, која засега останува на ставот дека нема да учествува во експертската дебата, ниту пак ќе биде „за“ кога ќе треба да се гласа во Парламентот.

Но, и покрај ова, ниту мнозинството, кое ги нема потребните пратеници за заокружување на процесот на уставни измени, не отстапува, за што зборува и вчерашниот настап на премиерот.

„Уставните измени нема да се одложат. Со формирањето на експертската група и со нивната работа практично ќе започне процесот кој потоа нормално ќе влезе и во процедурите кои се пропишани со закон.“, изјави Димитар Ковачевски, премиер на Северна Македонија.

Членови на ВМРО-ДПМНЕ
Членови на ВМРО-ДПМНЕ

„Се согласуваме дека нема одлагање, веднаш да ги стави уставните измени на дневен ред“, оцени Наум Стоилковски, ВМРО-ДПМНЕ.

Така од ВМРО-ДПМНЕ веднаш му одговорија на Ковачевски предизвикувајќи го, ако смета дека неговата коалиција е доволно силна, уставните амандмани што е можно побрзо да влезат во собраниска процедура. Во јавната дебата се вклучи и шефот на државата – и тој со повик до ВМРО-ДПМНЕ.

„Мислам дека грешат и затоа уште еднаш ја повикувам опозицијата да се вклучат и на експертско и на политичко ниво и да ги кажат своите аргументи“, истакна Стево Пендаровски, претседател на Северна Македонија.

Пендаровски, кој ќе номинира свој претставник во работната група, изјавата ја даде во присуство на австрискиот претседател Александер ван дер Белен кој прати јасна порака до пратениците од опозицијата во вчерашното обраќање во парламентот на нејзините.

„За да продолжи проширувањето сега е потребен уште еден видлив знак во вид на промена на Уставот. Сакам јасно да кажам – не верувам дека е реалистично дека договорот од јули 2022 одново ќе се преговара“, нагласи Александар Ван дер Белен, претседател на Австрија.

Денеска од опозицијата нема реакција на пораката од Ван дер Белен која ако подобро се анализира е без малку иста со онаа која минатата седмица, исто така во Скопје, ја испорача шефицата на германската дипломатија – дека партиските интереси не може да се над државните.

„Им се обраќам на сите учесници, до сите демократски партии праќам порака, искористете ги сите расположиви средства за процесот да може да продолжи во наредните месеци.“, истакна Аналена Бербок, министерка за надворешни работи на Германија.

Постапката за измена на Уставот поминува низ 3 фази – во првата Парламентот со двотретинско мнозинство носи одлука за пристапување кон измена на Уставот. Во втора фаза се утврдуваат нацрт-амандманите за што е доволно мнозинство од вкупниот број пратеници или 61.

Третата и последна етапа е усвојување на амандманите за што повторно е неопходно двотретинско мнозинство или најмалку 80 гласа, кои власта, без поддршка на ВМРО-ДПМНЕ, ги нема.

XS
SM
MD
LG