Линкови за пристапност

Кина сигнализира дека сака да се вклучи и во идниот мировен процес со Русија и Украина


Кинескиот претседател Шји Џјинпинг денес пристигна во Москва во тридневна државна посета на средба со рускиот лидер Владимир Путин, а руската војна во Украина и кинескиот мировен предлог се дел од агендата.

Минатиот месец, Кина го претстави својот план од 12 точки за ставање крај на конфликтот што Русија го започна во февруари 2022 година.

„Документот служи како конструктивен фактор за неутрализирање на последиците од кризата и промовирање политичко решение. Сложените проблеми немаат едноставни решенија“, рече Шји.

Според Асошиетед прес, за весник на Централниот комитет на кинеската комунистичка партија, Путин изјавил: „Ние сме благодарни за урамнотежената линија на Кина во врска со настаните што се случуваат во Украина, за разбирањето на нивната позадина и вистинските причини.“

„Ја поздравуваме подготвеноста на Кина да одигра конструктивна улога во решавањето на кризата“, рече Путин во неделата.

Портпаролот на Советот за национална безбедност на Белата куќа, Џон Кирби, во петокот изјави за Гласот на Америка: „Знаеме дека Кина и Русија ги подобруваат и ги зголемуваат своите односи на многу различни начини... Она за што сме загрижени е тоа што претседателот Шји не разговарал со украинскиот претседател Володимир Зеленски и веруваме дека е важно и тој да го стори тоа - да не ја сфати само руската перспектива за оваа војна , но дека треба да има и перспектива од страна на претседателот Зеленски“.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека двајцата лидери треба да имаат неформални, еден на еден, разговори во понеделник, со пошироки состаноци во вторник.

Посетата на Шји во Москва е најнов знак за растечката дипломатска амбиција на кинескиот лидер, по минатонеделната најава за договор постигнат со посредство на Пекинг кој им овозможи на Иран и Саудиска Арабија повторно да воспостават дипломатски односи по седум години непријателство.

Кина сигнализира дека сака да биде вклучена и во идниот мировен процес, рече Мориц Рудолф, соработник во Центарот за Кина Пол Цаи на Правниот факултет на Јеил.

„Дел од тоа треба да се сфати како „меѓународно одговорна голема сила“, изјави тој за Гласот на Америка.

Со предлагање прекин на огнот, Кинезите изгледа се обидуваат да „спасат нешто за Путин“, рече Дејвид Крамер, извршен директор на Институтот Џорџ В. Буш.

„Руските сили не работат добро“, изјави тој за Гласот на Америка. „И, не ни е потребна кинеската интервенција во овој момент“.

Не сите набљудувачи брзо ги отфрлаат дипломатските предлози на Пекинг.

Имајќи предвид дека Путин ги уништи своите мостови со Западот и стана позависен од Кина, Шји може да има пристојни шанси да посредува за мир, вели Џорџ Бибе, директор на Институтот за одговорен стејткрафт Квинси, кој се залага за воздржаност во надворешната политика на САД.

„Тој ќе има ограничен простор за маневрирање доколку целосно ја отфрли кинеската вмешаност“, изјави за Гласот на Америка.

Шји и Путин последен пат се сретнаа во Кина минатата година кога Путин присуствуваше на церемонијата на отворање на Зимските олимписки игри и повторно во септември на регионалната конференција во Узбекистан.

Украинскиот претседател Зеленски ќе разговара телефонски со Шји по средбата на кинескиот претседател со Путин во Москва.

Шефот на Бирото на Белата куќа, Патси Видакусвара и Парис Хуанг од мандаринскиот сервис на Гласот на Америка придонесоа за овој извештај. Некои материјали за овој извештај се од Асошиетед прес и Ројтерс.

XS
SM
MD
LG